!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Шилегов: Теарце ја има честа да ја запечати победата на демократска Македонија


       
Тетово, 21 декември, 2016 - 15:49 (META) 

Теарце ја има таа чест да ја запечати победата на граѓанска и демократска Македонија, рече носителот на кандидатската листа за пратеници од коалицијата предводена од СДСМ во шестата изборна единица, Петре Шилегов, кој денеска со своите сопартијци го посети Теарце, каде, по вчерашната одлука на Управниот суд и денешната на Државната изборна комисија, в недела, на 25 декември, ќе има прегласување на избирачкото место 2011.

Избирачкото место на кое ќе се прегласува се наоѓа во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Теарце.

– Македонија извојува победа над режимот. Повеќе од шестотини илјади граѓани на Македонија одбраа живот, го одбраа заедништвото наспроти политиките на раздор со кои владееше режимот на Никола Груевски. Во Македонија го враќаме животот. Теарце ја има таа чест да ја запечати победата на граѓанаска, демократска Македонија. Граѓаните во Теарце, како и граѓаните во цела Македонија, одбираат европска Македонија. И тука во Теарце граѓаните заслужуваат да имаат и водовод и канализација како секаде во современиот свет од 21 век – изјави Шилегов.

Тој додаде оти не верува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето во Теарце, како што претходно неделава најави претседателот на партијата, Никола Груевски.

– Груевски рекол – Груевски порекол. Сите информации кажуваат дека уште во текот на вчерашниот ден активистите на ВМРО–ДПМНЕ се на терен, одат по куќи. Веќе имаат набавено списоци со приматели на социјална помош. Продолжуваат и понатаму со нивните подли политики на раздор, на делба, на уценување на граѓаните. Токму заради тоа велиме дека во Македонија конечно мора да владее слободата, во Македонија конечно граѓаните треба да бидат оставени сами, самостојно, без уцени, закани и притисоци да одлучуваат кому ќе го дадат својот глас – нагласи Шилегов.