Пучдемон доби нов рок, треба да одлучи до четврток

Каталонскиот лидер Карлес Пучдемон, кој требаше денеска да се изјасни дали прогласил независност на Каталонија или не, има нов рок – четврток до 10 часот.

– Господинот Пучдемон има уште една шанса да почне да ја решава оваа ситуација, тој мора да одговори со „да“ или „не“ за тоа дали прогласил независност – изјави вицепремиерката на Шпанија, Сораја Саенс де Сантамарија.

Таа истакна дека Пучдемон не дал адекватен одговор во своето писмо на она што од него го барала шпанската влада и мора до четврток да каже дека не прогласил независност и да се врати на патот на почитување на законите на Шпанија.

Сантамарија додаде дека во спротивно, Каталонија ќе биде соочена со активирање на членот 155 од Уставот, кој ѝ овозможува на шпанската влада да преземе контрола над регионот.

Според неа, меѓусебниот дијалог треба да се одвива во согласност со законот, односно во шпанскиот парламент.