Независни институции почнаа процес на вреднување на компании во Македонија

Технолошкиот парк при Универзитетот на Југоисточна Европа почна да воведува услуга вреднување на компании, прва од ваков вид во Македонија.

Вреднувањето на компаниите е широко распространета практика во земјите од Западна Европа и една од целите е да се утврди колку фирмите имаат капацитет во иднина да пораснат на пазарот на трудот.

– Има четири главни причини за вреднување на компаниите. Првата причина е од аспект на купување на бизнисот, некој сопственик се одлучил да го продава, а некој да го купува бизнисот, и затоа вреднувањето што го врши независна институција, ќе даде извештај за вистинсктие параметри и за вредноста на компанијата. Втората причина за вреднувањето е да ги мотивира вработените и менаџментот на компанијата, третата причина се интерните потреби на компанијата, а четвртата причина е собирање на дополнителен капитал – изјави Ѓорѓи Рафајлоски од Технолошкиот парк.

Вреднувањето на компаниите во земјите од Западна Европа се врши на секои две-три години. Денеска на Универзитот на Југоистична Европа беше презентирана новата програма за вреднување, во која засега се вклучени пет компании од Македонија. Услугата ќе ја вршат во соработка со англиска консултантска куќа.