Меј договори економска соработка со Кина вредна 13 милијарди долари

Британската премиерка, Тереза Меј договори економска соработка со Кина вредна 13 милијарди долари, јавуваат светските агенции.

Британија се обидува повторно да се наметне како глобален трговски играч, по одлуката да го напушти членството во Европската Унија, а Кина е на врвот на листата на држави со кои Лондон сака да има договор за слободна трговија, коментираат агенциите.

Говорејќи во Шангај, Меј рекла дека Британија сака да помогне во остварувањето на визијата на кинескиот претседател, Кси Џинпинг во поглед на глобализацијата, како и за поголема отвореност на кинеската економија.

– Додека излегуваме од ЕУ бараме шанса да станеме што повеќе свртени кон надворешната трговија и да ги продлабочиме трговските односи со светот, вклучително и со Кина – изјавила Меј.

Подготвеност за унапредување на односите меѓу двете земји изразил и кинескиот претседател, Кси Џинпинг.

Договорените бизниси и инвестиции во вредност од 13 милијарди долари ќе отворат повеќе од 2.500 нови работни места во Велика Британија.