Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ да престане да го блокира референдумот

ВМРО-ДПМНЕ измислува нови барања, техничка Влада, амнестија и слично и сака да прикаже вештачка криза, само за да ги спасат криминалците од одговорност. Тоа е единственото нешто за кое што се бори Мицкоски, порача Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата, велејќи дека напорите на опозициската партија не се насочени кон интересите на државата и граѓаните, туку „за нив единствено важна е одбраната на криминалот и судбината на Никола Груевски и фамилијата“.

– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ последниов период намерно блокира неколку собраниски комисии, на коишто се расправа за реформски закони. ВМРО-ДПМНЕ ја блокира и постапката за  формирање на Државна изборна комисија (ДИК), со што го доведува во прашање одржувањето на референдум за иднината на државата – рече Костадинов.

Тој повика ВМРО-ДПМНЕ веднаш да престане да ја блокира работата на Комисијата за избори и именувања, за да се избере новата ДИК.

– Ако тоа не го направат, значи дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат референдум и бегаат од избори. Очигледно е, ВМРО-ДПМНЕ се плаши од волјата на граѓаните. Македонија забрзано чекори напред и враќање назад нема. Македонија да биде заложник на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството како и секогаш до сега ќе ја превземе одговорноста за државата, наспроти неодговорната опозиција која секојдневно сака да ни ги затвори вратите за ЕУ и НАТО – изјави Костадинов.

Тој порача дека Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии се одамна усогласени и владејачкото мнозинство е подготвено веднаш да ги поддржи во Собранието.