Јули 2016 година бил најтоплиот месец во последните 137 години

Месецот јули,  годинава бил најтоплиот месец во модерната историја, со рекордна температура на копното и на океаните во последните 137 години, соопшти денеска американската Агенција за океани и атмосфера.

„Просечната глобална температура на површината на копното и на океаните во јули 2016 година била највисока, не само за месецот јули, туку и воопшто во однос на информациите за времето од 1880 година досега“, наведуваат од Агенцијата.

Претходниот рекорд бил забележан во јули 2015 година. Инаку месецот јули вообичаено е најтоплиот месец во годината на планетата Земја.

Просечната температура на копното и на океаните во јули, годинава изнесувала 16,67 Целзиусови степени, или за 0,87 степени повеќе од просекот за 20. век. Во јули 2015 година температурата била повисока за 0,06 степени од просечната.