И Скопје ќе ги донира средствата планирани за дочек на Нова година

Градот Скопје се откажува од дочекот на Нова година што требаше да се одржи на плоштадот Македонија. Со оваа одлука, по Велес, Скопје е втор град во земјава што се откажува од прослава на Нова година.

– Средствата што беа планирани за организирање на дочекот и се во износ од околу 2 милиона денари, ќе ги донираме во социјални цели. Одлуката каде ќе бидат донирани средствата ќе ја донесе Советот на Град Скопје. Градот Скопје веќе 10 години наназад троши минимални средства за организирање на дочекот на Новата година затоа што забавата за граѓаните ја финасираа мибилните оператори во земјава, а годинава спонзор на забавата требаше да биде „Македонски телеком“ – се вели во соопштението на Град Скопје.

Иницијативата за откажување на новогодишните прослави на градските плоштади за парите да се пренаменат за хуманитарни цели, почна во Србија.

Под влијание на апелите на македонските твитерџии на социјалните мрежи ваквата практика да се примени и кај нас, општините почнаа да размислуваат да ги пренаменат планираните средства за прослава во хуманитарни цели.

Вчера и Општина Центар информираше дека прават анализа дали воопшто и колку од буџетот може да се заштеди и реално да се пренамени и ќе соопштат дали ќе се откажат од новогодишна прослава.