Хан: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не може да биде успешна без економска поддршка


       
Трст, 12 јули, 2017 - 12:53 (META) 

Протекционизмот не е вистински одговор за развој на економијата, изјави шефот на италијанската дипломатија Анџелино Алфано, при отворањето на бизнис-форумот во Трст, кој се одржува во рамките на самитот Западен Балкан – ЕУ.

Алфано истакна дека отвореноста и транспарентноста на државните органи кон бизнис-секторот се клучни за повисока динамика на економијата, а дека вистински предизвик е креирањето нови работни места за младите луѓе, во кои е иднината на секоја земја.

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика Јоханес Хан нагласи дека самитот испраќа порака за поддршка и стимул за реформи во земјите од Западен Балкан. Тој рече дека одблизу се следат процесите на меѓусебно поврзување, спроведување на реформи во енергетиката и во другите области.

– Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не може да биде успешна без економска поддршка. Европската Унија ќе ги поттикне реформите, за регионот да продолжи да се развива и земјите да го постигнат посакуваното ниво на економски развој. Економскиот развој е еден од клучните елементи за интегративниот процес на регионот на Западен Балкан во Европската Унија – изјави Хан.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, рече дека Владата ќе се посвети на спроведување на потребните реформи што го трасираат патот на земјата кон членството во Европската Унија.

– Не е возможно да зборуваме за економски пораст на земјата ако не работиме на поддршка и на стимулирање на извозот на компаниите што работат во Република Македонија. Пазарот од два милиони луѓе е мал и пред сè треба да ги поддржиме нашите компании да растат и да бидат конкурентни во регионот, а потоа и во ЕУ – рече Анѓушев.

Во однос на привлекувањето странски инвестиции во земјата, Анѓушев рече дека сите странски инвеститори дека се добродојдени во Македонија и дека владата ќе ја гарантира безбедноста на странскиот капитал.

Самитот за Западен Балкан во Трст е четврти по ред и е дел од активностите кои се одвиваат во рамките на „Берлинскиот процес“, иницијатива на Европската Унија, за забрзување на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.