Грција пред Велигден: Полни продавници, празни џебови

Грчките семејства и годинава ќе имаат поскромна велигденска трпеза. Стегањето на финансискиот ремен, намалувањата на платите и на пензиите, како и предупредувањата за нови зголемувања на даноците и за нови намалувања на пензиите не им дозволуваат на грчките граѓани да се опуштат како порано при купувањето за Велигден. Подароците се поскромни, трпезата помала.

Сите трговски улици и пазари се преполни, но луѓето повеќе разгледуваат, а помалку купуваат. Цените се слични како и минатата година, поскапувањето е само 1 отсто, но и покрај тоа профитот на трговците е во опаѓање бидејќи куповната моќ е ограничена.

Според проценките на Грчката конфедерација на трговци, велигденската трпеза за шестчлено семејство годинава чини 104 евра. Јагнешкото месо, кое е омилено кај Грците, периодов се движи од 4,90 до 6 евра, а пакетот јајца е 1,30 евра. Велигденските свеќи, кои традиционално се купуваат како подароци за најмладите, се движат од 1 до 10 евра.

Никос Георгокостас, економски аналитичар, истакнува дека и покрај обидот на трговците да се воздржат од поголеми поскапувања, раздвиженоста на пазарот и профитите се мали. Главната причина, според него, е ослабената куповна моќ на потрошувачите.

– Овој велигденски период гледаме дека има обид од трговците да ги задржат цените на исто ниво, но ситуацијата на пазарот е слаба. Последниот период има значителни намалувања на приходите, поради што има намалување и на потрошувачката, но се надеваме дека како што ќе поминува времето, ќе се стимулира и ќе се подобри потрошувачката и се надеваме на воскреснување на економијата – коментира тој.

Граѓаните велат дека прво прават анализа на пазарот и на цените, па на крај одлучуваат што и од каде да се купи. Со кисела насмевка велат дека цените не се високи, дури се и нормални, но со мали плати, дури и четири-пет евра за килограм месо е скапо.

– Цените се добри, но од каде да најдеме пари? Целосно нè исцедија политичарите. Ги гледаат само своите интереси – вели еден пензионер додека си заминува од централниот пазар Варвакио.

Продавачите на пазарите и во продавниците оценуваат дека годинава можеби е најлоша досега. Ниту продолжените работни часови, ниту ниските цени не го воскреснуваат опаднатиот велигденски профит. Продавачите на пазарите велат, јасно е дека граѓаните немаат пари, купуваат многу помалку од порано. Иста е сликата и во голем број продавници за облека, освен големите комерцијални синџири.

Анастасија 18 години работи во продавница за облека во центарот на Атина и вели дека никогаш досега не седела со скрстени раце и во празна продавница за Велигден.

– Нема воопшто купувачи. Во споредба со лани, продажбата е 50 отсто помала. Луѓето доаѓаат, разгледнуваат и бараат нешто евтино. Цените се пониски од лани, имаме и попусти и пак ништо. За велигденска недела нема воопшто работа. Сите сакаат нешто за пет-десет евра, поскапо не купуваат – додава таа.

И граѓаните и трговците стравуваат дека работите дополнително ќе се влошат штом владата ги изгласа новите мерки со кои ќе се намалат пензиите, а ќе се зголемат даноците за голем број услуги и основни производи.