Европскиот парламент ја одобри нацрт-резолуција на Флекенштајн за Албанија

Европскиот парламент ја одобри нацрт-резолуција за Албанија, презентирана од страна на известувачот за Албанија на Европскиот парламент, Кнут Флекенштајн.

Најголем дел од точките на оваа резолуција се клучен предуслов за назначување на датум за Албанија да ги почне претпристапните преговори за членство во ЕУ.

Потребно е земјата да ги спроведе судските реформи и одржување на избори според европските стандарди.

„Од 2014 година Албанија е земја-кандидат за членство во ЕУ и оттогаш прави постојан напредок. Не треба да се одложи одлуката за почеток на пристапните преговори кои треба да започнат веднаш по одржувањето на изборите на 18 јуни,“ изјави Флекенштајн.

Европската комисија и Европскиот парламент во својот извештај за Албанија за лани бележат напредок во исполнување на политичките критериуми за членство на Албанија во ЕУ.

Но, предизвиците и понатаму постојат посебно во областа на човековите права, организираниот криминал и слободата на медиумите.