Елена Трифуновска: Не треба да се меша говорот на омраза со клеветата и навредата

Станува тренд да се пријавуваат дискриминацијата и говорот на омраза во онлајн сферата за да се спречи да се развиваат, но важна е и техничката неутралност. Поточно, колку брзо се развива информатичката технологија, исто толку брзо треба да се развиваат и да се приспособуваат и тие механизми, но едукацијата на корисниците не ја следи секогаш брзината на технологијата, рече, меѓу другото,  Елена Трифуновска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во вчерашното гостување во  „Студио 1“ на ТВ1.

Како што вели Трифуновска, клучна е едукацијата на корисниците на социјалните мрежи. Децата се повеќе и порано почнуваат да ги користат, но и постарите корисници не се научени и потешко ја учат примената на механизмите.

– Состојбата е проблематична со оглед на тоа колкав број од нас секојдневно користиме социјални медиуми и колку време поминуваме на нив и каков тип на информации не интересираат или со какви информации не таргетира оној што ги пласира – смета Трифуновска.

Случаите на говор на омраза на интернет и во медиумите се пријавуваат во Основното јавно обвинителство и во Единицата за борба со компјутерски криминал во МВР. Нивните и извештаите на „Фридом Хаус“ и на „Репортери без граници“ покажуваат дека случаите не се процесуираат на начинот на којшто предвидува законот – појасни гостинката – експерт.

– Ако ја погледнеме статистиката на Советот за етика, на трето место се пријавите од граѓаните за прекршувања на говор на омраза од вкупниот број на пријави што ги имаат добиено и во 30% од решените случаи токму говорот на омраза е причина за пријавата – вели Трифуновска и според неа, не треба да се мешаат говорот на омраза со клевета и навреда.