ДУИ го поздрави изборот на Џафери и бара одговорност од заповедниците на полицијата

Во Мала Речица во седиштето на ДУИ пред малку заврши седницата на централното претседателство на партијата, по четири часа заседавање, по што изјава даде само партискиот портпарол, Бујар Османи. Лидерот, Али Ахмети, не сакаше да даде изјава за новинарите, посочувајќи дека сè што има да се каже ќе го соопшти партискиот портпарол Бујар Османи.

Османи потоа прочита изјава за медиумите, во која ДУИ го поздравува изборот на новиот претседател на Собранието, но и го постави прашањето за одговорноста на полицијата во дозволувањето да се случи брутално насилство.

– Демократската унија за интеграција го поздравува изборот на Талат Џафер за претседател на Собранието, како прв и неопходен чекор за ставање во функција на легислативниот дом во земјата, но и за формирање нова реформска влада на Република Македонија. ДУИ силно го осудува вчерашното вандалско насилство врз избраните пратеници од толпата и поставува прашање за улогата на институциите во одржување на редот и мирот и оттука бара преземање на соодветни мерки против тие што потфрлија во спроведување на нивните надлежности, вклучувајќи ги и официјалните лица во командниот синџир на МВР, кои одбиваа наредби од министерот за внатрешни работи – рече Османи.

Портпаролот на ДУИ побара сите да го осудат насилството и ги повика Албанците, особено гласачите на ДУИ, да не дозволат да бидат испровоцирани.

– Бараме сите страни, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, да придонесат за надминување на оваа состојба и силно и недвосмислено да ги осудат актите на насилство и на крворпролевање во Собранието на РМ. Ги повикуваме граѓаните, особено Албанците и електоратот на ДУИ, да останат воздржани, да ја зачуваат ладнокрвноста и да не потпаднат на провокацијата од овие вандалски настани – рече Османи.

Портпаролот на ДУИ ја изрази и партиската осуда за некои пратеници, кои, како што рече, ги испровоцирале вчерашните настани. Во име на централното претседателство на ДУИ, посака побрзо закрепнување на Зијадин Села.

– Исто така, изразуваме разочарување и гнев од дејствувањето на одредени пратеници кои во стилот „Провоцирај, потпали и бегај“, вчерашните настани ги отежнаа уште повеќе. Претседателството на ДУИ се солидаризира со сите настрадани пратеници и посакува господин Зијадин Села што побргу да се врати во парламентарниот и во политичкиот живот на земјата – рече Османи.