Димовски: Заев донесе неодговорна и деструктивна одлука

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска уште еднаш покажа колку не се грижи за иднината на Република Македонија и за нејзините граѓани, реагира Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на обраќањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Димовски рече дека Заев не се грижи за стабилноста и не се грижи за немирот што секојдневно го внесува помеѓу граѓаните. Според Димовски, Заев донел неодговорна и деструктивна одлука со тоа што го условил неговото присуство на лидерската средба во Виена.

– Зоран Заев денеска донесе неодговорна и деструктивна одлука, бегајќи од разговори со кои треба да се трасира патот што води кон избори и кон решавање на кризата. Ѝ заврти грб на Македонија и потврди дека неговата намера е продлабочување и ескалирање на кризата, затоа што тој и луѓето околу него можат да функционираат и да привлечат внимание само во време на криза. Зоран Заев со бегањето од разговорите закажани во Виена покажа дека само заради спасот на сопствената кариера, има намера да ја држи Република Македонија уште долго во заложништво – вели Димовски.

Како што рече Димовски, Заев со денешната одлука ставил свој печат врз нападите на полицијата, демолирањето на спомен-обележјата, палењето и руинирањето на институциите и на сите вандалски акти што ги згрозија жителите на оваа земја.

– Уште од самиот почеток на кризата, ВМРО-ДПМНЕ учествува конструктивно и се обидува да даде целосен придонес во нејзино надминување. Затоа го потпишавме Договорот од Пржино и работевме на негова имплементација. ВМРО-ДПМНЕ била и ќе остане конструктивна кога е во прашање иднината на Република Македонија. Подготвени сме да учествуваме на разговори кои ќе значат излез од сегашната состојба – вели Димовски.