Арифи: Нови избори не се решение за кризата, туку избор на нов спикер и на влада

Градоначалничката на општина Тетово и потпретседателка на ДУИ, Теута Арифи, и денеска го повтори ставот на нејзината партија дека е потребно што поскоро парламентарното мнозинство да формира влада. Нови избори, според неа, не се решение на кризата, туку треба да се изберe претседател на Собрание и државата да почне да функционира нормално.

Таа додаде дека секој има право да протестира и посочи дека ДУИ како партијата протестирала во 2006 година поради прекршуавње на принципот победник со победник, но не ги блокирала институциите.

– Принципите на демократијата се тие – мнозинството да формира влада, да избере претседател на Собрание и државата да профункционира како што треба, додека секој, нормално во рамките на своите активности, има право да ги врши своите политички активности. Да потсетам само на моментот од 2006 година бидејќи гледам дека често се споменува како модел. Тогаш ДУИ 18 до 19 месеци протестираше поради тогашната политичка одлука, но институциите беа формирани, како и сè друго, а ние подоцна го искористивме нашето демократско право да го реализираме како што сметавме ние – изјави Арифи.

Таа рече дека поминати се сите рокови да се организираат локалните избори во мај.

– Мај е веќе надминат како можност кога може да се организираат локални избори. Нормално дека е потребно во Собранието да се реши како ќе се продолжи понатаму, но, најпрвин токму Собранието треба да се формира и треба да се прекине тенденцијата за навлегување уште подлабоко во оваа криза – изјави Арифи.

Арифи изјавата за политичката состојба во Македонија ја даде на пуштањето во употреба на реконструираниот парк во близина на автобуската станица во Тетово.