Апелација драстично им ги намали казните на осудените за кражбата на артефакти

Апелацискиот суд Скопје донел одлука со која им ги намали затворските казни на седуммината осудени за кражбата на артефакти од Музејот на Македонија, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

Како што информираат оттаму, Апелацискиот суд ги прифатил жалбите на осудените и по оддржаната седница на 18 јануари годинава, донел пресуда со која ја потврдил првостепената пресуда, но ја преиначил во однос на казните.

Според пресудата на Апелацискиот суд, на поранешниот директор на Музејот на Македонија, Перо Јосифовски, кого Кривичниот суд на 20 март минатата година го осуди на казна затвор од 8 години и 8 месеци, сега му е изречена казна од 2 години и 3 месеци затвор, во кои е вклучено и времето поминато во притвор од 27 февруари 2014 година до правосилноста на првостепената пресуда.

Златко Видевски, кој со првостепената пресуда доби 6 години и 8 месеци затвор, сега е осуден на 2 години и 6 месеци затвор, а златарот Часлав Кузмановиќ, наместо 7 години и 8 месеци, со одлуката на Апелацискиот суд е осуден на 2 години и 6 месеци.

Пониски казни за неколку месеци добија и другите обвинети во случајот што беа осудени на 3, односно на 1 година затвор.

Апелацискиот суд ја укинал и пресудата со која Видевски, Јосифовски и Кузмановиќ беа осудени за кривичното дело отуѓување на културно наследство и го вратил тој дел од предметот на повторно судење.