Железница не користиме, субвенции за нови возила немаме, климатските промени ги игнорираме [инфографик]

Она што им преостанува на македонските власти е да ги стимулираат граѓаните да користат алтернативен транспорт и да купуваат нови возила, првенствено на хибриден и електричен погон

Фото: Архива на Мета.мк

Транспортот учествува со 28 отсто во вкупните емисии на стакленички гасови во Македонија и во моментов се наоѓа на второ место меѓу изворите на штетни материи кои имаат негативно влијание врз климатските промени. Кај транспортот не постои интегриран пристап во водењето политика за намалување на количествата на јаглерод што ги произведуваат, а треба да се работи и на зголемување на свеста кај граѓанските организации и пошироката јавност за развој на зелени сектори со ниски емисии на стакленички гасови.

Ова се само дел од заклучоците на најновата „Анализа на развојот и одржливото планирање на транспортот во РСМ од аспект на влијанието врз климатските промени“, која ја изработи Македонското здружение на млади правници во соработка со Еко-свест и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе.

„Негативното влијание на транспортниот сектор врз климатските промени се должи на повеќе аспекти, како што е стариот возен парк на регистрирани патнички возила, како и големата потрошувачка на фосилни горива (нафта и бензин). Според последните статистички податоци, околу 85% од вкупниот број регистрирани патнички возила на национално ниво се постари од 10 години; односно просечната старост на патничките возила во 2021 година достигнува речиси 20 години“, се наведува во анализата.

Паралелно со ова, документот констатира дека бројот на возила што се регистрирани во земјава продолжува да расте, додека најголемиот дел од нив ја користат нафтата како гориво, иако токму таа е најголемиот загадувач на воздухот.

„Во 2012 година, 30,72 отсто од патничките моторни возила користеле нафта, а во 2021 овој процент се зголемува на 56,8 отсто“, стои во објавениот документ.

Притоа, во неодамна објавената анализа се наведува дека постојат различни проекции на стакленичките емисии од транспортот во натамошниот период, во зависност од тоа кое сценарио од Долгорочната стратегија за климатска акција со акциски план на земјава ќе се имплементира од страна на властите. Сепак, сето ова зависи од исполнувањето на конкретните мерки и препораки кои се зададени – поголема искористеност на железницата, обновување на националниот возен парк на сите возила, унапредена мобилност, изградба на железничката пруга кон Бугарија и електрификација на транспортот.

Спроведување на овие активности од страна на македонските власти треба да доведе до 2040 година 3 отсто од патничките километри на автомобилите, 1 отсто од патничките километри на автобусите и 6,6 отсто од тонските километри на тешки возила да се реализираат со железнички превоз. Исто така, хибридните електрични возила до 2040 година ќе треба да учествуваат со 35 отсто од вкупните патнички километри изминати од автомобилите во Македонија, а претпоставката е дека во земјава наредните години ќе се продаваат само нови напредни возила кои ги исполнуваат стандардите на ЕУ.

Во 2040 година, пругата кон Бугарија ќе треба да замени барем 5 отсто од тонските километри на тешките возила, додека во македонските градови минимум 3 отсто од патничките километри со кратко растојание да бидат заменети со пешачење, со користење велосипеди или електричен тротинет.

Станува збор за исклучително амбициозни и конкретни цели, за кои македонските власти треба да спроведат јасно посочени активности. Бидејќи најголемиот дел од нив во објавената анализа се адресирани до Министерството за транспорт и врски, Мета.мк го праша ова министерство што од зададените задачи за исполнување веќе е започнато со реализација, а во функција на ставање под контрола на растечките емисии на стакленички гасови.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека ја немаат на увид оваа анализа, но посочуваат дека активно учествуваат во изработка на мерки и политики за одржлив транспорт во организација на Светска банка и Обединетите нации.

Во соработка со Секретаријатот за Европски прашања, други државни институции, граѓански здруженија и Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија од ова Министерство работат на изготвување на листа на приоритетни проекти што ќе бидат опфатени во Секторската оперативна програма за транспорт 2024-2027 година.

Меѓу проектите кои влијаат на подобрување на квалитетот на живот и заштита на животната средина, како и на проекти преку кои се промовираат иновативни решенија, Министерството за транспорт и врски месецов ќе го распише јавниот повик за инсталација на Интелигентниот транспортен систем на автопатот долж Коридорот 10, а работат и на изградба и модернизација на патната инфраструктура.

„Во делот на железницата работиме на изградба на пругата на Коридорот 8 кон Република Бугарија, како еден од најефикасните транспортни системи во поглед на подигнување на нивото на еколошкиот сегмент во транспортот. Активно сме вклучени и во процесот на изградба на мултимодален јазол како комбинација на железничкиот и патен транспорт“, велат за Мета.мк од Министерството за транспорт и врски.

Инаку, во објавената анализа на Македонското здружение на млади правници се наведуваат цела низа на препораки, за кои е потребна и меѓуресорска соработка меѓу институциите, а дел од нив се: земјава треба да го донесе Законот за климатска акција и доследно да ја спроведува стратешката цел што си ја поставила самата – намалување на стакленичките гасови од транспортот за 15,1 отсто во 2025 година. Исто така, меѓу зададените препораки се наведува и искористувањето на можностите што ги даваат програмите на ЕУ и други земји и организации за аплицирање на проекти.

Стапката на моторизација во Македонија е ниска споредбено со ЕУ

Постоечките податоци за стапката на моторизација на населението во Македонија наспроти земјите-членки на ЕУ покажуваат дека проблемот со емисиите на стакленички гасови од транспортниот сектор ќе растат доколку не се сфатат сериозно зададените мерки и активности што треба да ги исполнат властите.

Па така, Државниот завод за статистика пресметал дека во 2021 година бројот на автомобили „по глава на жител“ се зголемил на 260 патнички автомобили на секои 1.000 македонски жители. Оваа стапка на моторизација на населението е многу помала од земјите-членки на ЕУ за идентичната година. Просекот на ЕУ во 2021 година бил 567 патнички автомобили на 1.000 жители.

Најголем број на возила поседувале граѓаните на Луксембург (698 возила на 1.000 жители), Полска (684 возила на 1.000 жители) и Италија (672 возила на 1.000 жители), додека најмала стапка на моторизација е регистрирана во Унгарија (413 возила на 1.000 жители), Латвија (400 возила на 1.000 жители) и Романија (396 возила на 1.000 жители).

Ова практично значи дека бројот на регистрирани возила во Македонија и понатаму ќе расте со забрзано темпо, заедно со порастот на стандардот на македонските граѓани и натамошниот увоз на возила во земјава. Мета.мк пишува веќе неколку години наназад дека купувањето нови возила од граѓаните е актуелна тема и во многу од земјите на ЕУ, особено од Југоисточна и Средна Европа. Она што е различно од земјите-членки на ЕУ е што македонските власти недоволно ги стимулираат граѓаните да користат алтернативен транспорт и да купуваат нови возила, првенствено на хибриден и електричен погон.