Зеленски очекува силни одлуки од денешната средба на сојузниците за обезбедување нова воена помош

Фото: Собрание на РСМ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата влада очекува „силни одлуки“ од сојузничките земји за време на денешниот состанок на лидерите на НАТО и другите земји што ќе се одржи во воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија, пренесува Гардијан.

На најавениот состанок треба да се договори зајакнување на воената опременост на Украина со испорака на модерни борбени тенкови. Сојузниците ќе разговараат за идните снабдувања со оружје на Украина, особено за германските тенкови „Леопард 2“ што ги користат армиите на неколку европски земји.

Официјален Берлин има право на вето врз секоја одлука за извоз на тенковите, а владата на канцеларот Олаф Шолц досега се чини дека не сака да го одобри тоа поради страв дека ќе ја испровоцира Русија.

Некои сојузници, пак, велат дека загриженоста на Берлин е погрешна, бидејќи Русија веќе е целосно посветена на војната во Украина, додека Кремљ постојано изјавува дека западниот трансфер на оружје ќе го продолжи конфликтот и ќе го зголеми страдањето во Украина, пишува Гардијан.

„Се подготвуваме за утрешниот состанок во Рамштајн. Очекуваме силни одлуки. Очекуваме моќен пакет воена помош од САД“, изјави украинскиот претседател Зеленски.

САД вчера објавија информации за новата воена помош за Украина во вредност од 2,5 милијарди долари, вклучувајќи стотици оклопни возила и поддршка за украинската воздушна одбрана. Помошта вклучува 59 борбени возила „Бредли“ и 90 оклопни транспортери „Страјкер“, а САД од почетокот на руската инвазија врз Украина досега доделија помош од над 27,4 милијарди долари.

Пред денешниот состанок во Германија група од 11 земји-членки на НАТО ветија нова воена помош за Украина. Истата веќе е најавена од Велика Британија, Естонија, Летонија и Полска, а ќе опфати десетици системи за противвоздушна одбрана, противвоздушни пушки С-60, митралези и обука за истите.

Во меѓувреме, на терен продолжуваат руските ракетни напади врз украинските населени места. Руските сили во изминатово деноноќие убиле четворица цивили во Донецкиот регион, додека три лица се повредени, јавува Укринформ. Во Донецкиот регион се водат жестоки борби меѓу руските и украинските сили за градот Бахмут, а дел од загинатите цивили покрај од овој град се и од Дробушеве и Максимиљанивка.