Загина жена откако на автомобил на автопатот Тетово – Гостивар налетале коњи

Триесет и осум годишна жена од Мала Речица загина во сообраќајна несреќа откако повеќе коњи налетале на автомобилот со кој се превезувала на автопатот Тетово – Гостивар.

Сообраќајката се случила синоќа, околу 21.30 часот, во близина на клучката за село Тумчевиште.

Од удирањето во животните, жената која била на предното совозачко седиште, и нејзината малолетната ќерка, која седела на задното седиште, добиле телесни повреди и со други две возила биле пренесени во гостиварската болница.

Таму била констатирана смрт на 38-годишната жена и лесни телесни повреди кај девојчето, кое по укажаната помош, е пуштено на домашно лекување. Сопругот на жената, кој го управувал возилото, исто така имал лесни телесни повреди.

Од удирањето, усмртени се два коња, чиј сопственик засега е непознат.

Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Гостивар извршиле комплетен увид, а по наредба на јавниот обвинител, безживотното тело на жената е предадено за обдукција.

Се расветлуваат сите детали поврзани со несреќата.

На автопатот Тетово – Гостивар животни честопати предизвикуваат сообраќајни незгоди.

Поради тоа што нема соодветна заштитна ограда на автопатот, од околните ниви доаѓаат коњи, кучиња, крави, овци кои се движат по коловозот.