Заев не се согласува со одложување на пописот, дијаспората непречено се самопопишува

попис прифатен центар визбегово фото: МТСП
Попис во прифатен центар Визбегово Фото: МТСП

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека одложувањето на пописот во земјава не е прифатлива опција, бидејќи предложените термини за негово одложување се проблематични. Пописот е предвидено да се спроведе од 1 до 21 април годинава, а опозициските партии од македонскиот блок побараа негово одложување.

„Што ако одложиме и за кога да одложиме? Да одложиме за уште 10 години? Само тоа е извесно. Никој не може да каже дека дури и догодина идната пролет нема да имаме ситуација со ковид, кој може да го потврди тоа“, праша Заев.

Тој дополни дека никој не може да гарантира дека бројките со заболени лица од ковид-19 ќе бидат поразлични во мај или јуни годинава. Заев повтори дека никаде во светот не се спроведува попис во летните месеци, бидејќи тогаш луѓето се по одмори.

„Септември е кампања, октомври се изборите, а во ноември и декември никогаш не се прави попис никаде во светот. Останува да одложиме за следната пролет, и следната пролет ако ни се случи ова? Што треба да правиме, која е одговорноста пред граѓаните“, изјави премиерот Зоран Заев.

Тој рече дека постојат земји коишто навистина го одложиле пописот што бил планиран за годинава, но овие земји имаат последни податоци од претходно спроведениот попис од пред 10 години, што не е случај и со нашата земја.

Инаку, Државниот завод за статистика непречено ги спроведува активностите за попишувањето. Преку апликацијата за самопопишување на дијаспората, до утрово во 9 часот евидентирани се 45.755 лица.

Паралелно се одвива и попишувањето на бездомните лица, на затворениците во казнено-поправните установи и воспитно-поправните установи во земјава, а пред главната фаза на пописот на 1 април се попишуваат и лицата кои се во служба на Армијата и во дипломатско-конзуларните претставништа и членовите на нивните семејства во странство.

Државниот завод за статистика денеска ги објави списоците на кандидати за реонски попишувачи и реонски инструктори на веб-страницата Попис 2021, по пописни реони. Тестирањето на кандидатите ќе се спроведе на 11 и 12 март, а Комисиите на пописните реони треба да објават списоци со распоред на групите за тестирање и соодветното време.