Забраната за невакцинирани деца во градинките нема никаква врска со Клаус Шваб

Теоретичарите на заговор тврдат дека мерките, вклучително карантините во пандемијата, како и вакцинирањето се алатки за „консолидирање на моќта и поткопување на индивидуалниот суверенитет“

Фото: Copyright World Economic Forum (www.weforum.org) swiss-image.ch/Photo by Remy Steinegger, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Забраната за прием на невакцинирани деца во градинките нема никаква врска со основачот на Светскиот економски форум, ниту, пак, тој има агенда за депопулација. Ваквите тврдења се дел од поголема антиваксерска кампања чијашто цел е да се убедат родителите да не си ги вакцинираат децата. Вакцините се проверени и безбедни, а децата треба да се вакцинираат за да се заштити нивното индивидуално, како и колективното здравје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

На социјалната мрежа Фејсбук споделена е објава која алудира дека мерката да не се примаат невакцинирани деца во градинките има поврзаност со некаква наводна агенда на основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб. Ова е невистина.

Гестапо на терен, агендата на фирерот Клаус Шваб се спроведува ревносно од страна на наци квинслинзите.Прашање на време е кога ќе дојдат од дома да ни ги земат децата!

Пак гласајте си за СДШМ, ДПШНЕ, Љевиц, Данела и остала орвеловска багра.., пишува во објавата.

Објава на Фејсбук, на којашто е споделен медиумски исечок со наслов „Невакцинирани деца нема во градинка од денеска, конечно инспекторите на терен“, шири невистини помеѓу корисниците на социјалната мрежа.

Во објавата се тврди дека мерките за вакцинација на децата, како што е непримањето на невакцинирани деца во градинките, е всушност дел од агендата на Клаус Шваб. Притоа, објавата да добие на уште поголем интензитет и да влее страв кај јавноста, тврди дека прашање на време е кога ќе ни ги земат децата од дома. Овие тврдења се невистинити и се дел од поголема антиваксерска кампања чијашто цел е да се убедуваат родителите да не си ги вакцинираат децата.

Непримањето на невакцинирани деца во градинките, мерка којашто беше донесена откако беше прогласена епидемија на голема кашлица, не е никаква скриена агенда, ниту на Шваб, ниту на кој било друг од светската елита. Таа мерка е донесена за заштита на децата од оваа болест, бидејќи вакциналниот опфат за ДиТеПер вакцината е под оној потребен за да се постигне колективен имунитет.

Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, додека во внатрешноста над 95 отсто од дечињата се вакцинирани, информираше  на 12 март директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат Рената Младеновска.

И покрај заплашувањата коишто се шират на социјалните мрежи, вистината е дека сите вакцини од редовниот календар за имунизација се сигурни и проверени, произведени од врвни светски фармацевтски гиганти, кои вложуваат во развојот на вакцините, нивното испитување и квалитет. Дополнително, вакцините во земјава се регистрирани од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства врз основа на документи за безбедност од странство, а откако ќе бидат пуштени во промет во земјава, тие се следат преку одделот за фармаковигиланца во МАЛМЕД.

 

Шваб – мета на теории на заговор

Клаус Шваб, основачот и извршен претседавач на Светскиот економски форум, во последниве години стана една од главните мети на теоретичарите на заговори. Светски економски форум (СЕФ) е меѓународна невладина организација која стои зад годишната петдневна конференција во Давос, Швајцарија, каде што бизнис елитите и политичките лидери се собираат „за да се осврнат на главните глобални прашања и да ги научат најдобрите практики за лидерство и менаџмент“. Корените на СЕФ се протегаат во 1971 година кога нејзиниот основач Клаус Шваб поканил директори од европски компании во ски-центар Давос, на швајцарските Алпи.

Теории на заговор има изобилство од основањето на Форумот во 1971 година, но најновите заговори се вртат околу нешто што се нарекува „Големото ресетирање“ (Great Reset). Создаден како одговор на пандемијата ковид-19, Големото ресетирање е иницијатива за „итно да се изградат темелите на нашиот економски и социјален систем за поправедна, одржлива и поотпорна пост-ковид иднина“, велат од СЕФ.

Теоретичарите на заговор тврдат дека мерките, вклучително карантините во пандемијата, како и вакцинирањето се алатки за „консолидирање на моќта и поткопување на индивидуалниот суверенитет“. Па така, на Шваб комплетно му се измислуваат изјави и му се „калемат“ непостоечки агенди за депопулација односно убиство преку вакцини, како што всушност е и објавата што е предмет на оваа рецензија која ја заплашува јавноста дека „ќе ни ги земат децата“.

Теоријата за наводната агенда на Шваб за депопулација на населението потекнува од објави на социјалните мрежи во кои се споделува наводен исечок од книгата на Шваб во која има детални планови за депопулација на светот преку војни, организирани епидемии и глад. Пребарувањето покажува дека тој извадок не може да се најде во книгата на Шваб. Тој е дел од книгата на Џон Колман, наречена „Хиерархија на заговорници: приказната за комитетот од 300“. Книгата тврди дека организација наречена „Комитетот од 300“, наводно „семоќна група“, го контролира секој аспект на светот.

Така што, забраната за прием на невакцинираи деца во градинките нема никаква врска со основачот на Светскиот економски форум, ниту пак, тој има агенда за депопулација. Вакцините се проверени и безбедни, а децата треба да се вакцинираат за да се заштити нивното индивидуално, како и колективното здравје. Затоа оваа објава ја оценуваме како невистинита.