План за вработување 2021 фото МТСП
План за вработување 2021 | Фото: МТСП

За оваа година се предвидени 1,5 милијарди денари (24,5 милиони евра) за реализација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот, а со него ќе бидат опфатени 10.279 лица.

„Целта е да се зајакне и поддржи пазарот на трудот за надминување на последиците од ковид кризата. Планот ќе значи поддршка на оние кои ги изгубија своите работни места, нивното враќање на пазарот на трудот е инклузивно и поттикнува рамномерен регионален развој“, посочи вицепремиерот Фатмир Битиќи, на денешната заедничка прес конференција со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири и постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН, Нарине Сахакјан.

Според Шахпаска, со Оперативниот план ќе бидат опфатени различни ранливи категории на невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, лица кои ја загубиле работата поради пандемијата, со цел побрзо и полесно да пристапат на пазарот на трудот и да се намали социјалниот ризик кај нив.

„За услуги на лица со попреченост и со хронична болест, обезбедуваме обука за невработени лица за стекнување стручни квалификации и вештини. Во наредните 10 месеци тие ќе обезбедуваат грижа за лицата со попреченост и со хронични болести и за тоа ќе добиваат месечен надоместок од 30.780 денари. Со оваа мерка се опфатени 150 лица“, посочи Шахпаска.

Обединетите нации оваа година ќе се вклучат во реализацијата на Оперативниот план со сет нови иновативни мерки, фокусирани на економијата, при што на најранливите категории невработени лица ќе им се понудат механизми за активирање на пазарот на трудот. Како што посочи Сахакјан, овие активности ќе опфатат и нови начини за зајакнување на позицијата на жената на пазарот на трудот.

Абдуш Демири истакна дека Агенцијата за вработување во целост е подготвена за имплементацијата на Оперативниот план за вработување за 2021 година. „Почнувајќи од денеска, невработените лица и работодавачите ќе може да аплицираат за програмите и мерките за вработување за кои утрово ги објавивме јавните огласи за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање на плати, програмата Практиканство, мерката Обука на работно место за познат работодавач и програмата Јавни Работи“, информираше Демири.