Волонтери од Германија направија патека за одење боси во Градски парк

Градоначалникот Шилегов денеска оствари средба со групата на волонтери од Бон, СР Германија, кои изминатиов период работеа на креирање ново катче и инсталација во првиот дел од Градскиот парк.

„Новото катче во Градскиот парк се состои од кружна патека од различни материјали: парчиња од дрво, природни камења, тревник, калдрма, цементирани плочи и други материјали кои ја подобруваат циркулацијата, односно ќе треба да го поттикнуваат движењето, да ги активираат сетилата, а со тоа да даваат и добар здравствен ефект кај децата. Идејата е децата да газат и да се движат боси, а до самата патека ќе биде поставено и шкафче за чевли. Во средината на катчето ќе биде поставен сончев часовник каде што преку сенката на детето ќе може да се види колку е часот“, информираат од Град Скопје.

Град Скопје и Град Бон соработуваат од 2015 година преку проекти како „Ерасмус Плус“ и „Nice to work with you!“. Соработката се заснова на идејата како Градот Скопје да се промовира во урбаниот туризам.