Во употреба пуштена АДА – првиот дигитален асистент во јавниот сектор

Преку дигиталниот асистент, како што велат од Владата, граѓаните и странските инвеститори ќе можат да се запознаат со достапните програми и отворени повици на институциите - даватели на државна помош, и гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време 24/7 на три јазици

Фото: Влада на РСМ

Владата денеска официјално ја пушти во употреба АДА, дигитален асистент во јавниот сектор. Преку дигиталниот асистент, како што информираат од Владата, граѓаните и заинтересираните странски инвеститори ќе можат да се запознаат со достапните програми и отворени повици на институциите кои се јавуваат како даватели на државна помош, и се гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време 24/7 на три јазици – македонски, албански и на англиски на интернет адресата ada.gov.mk.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во своето обраќање на денешното лансирање на АДА рече дека воведувањето на првиот дигитален асистент во давањето јавни услуги е надоградба на практиките за дигитализација во општеството.

Фото: Влада на РСМ

„Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава. Процесот на дигитализација е незапирлив, секаде во светот, па така и во нашата држава. Како Влада која е насочена кон осовременување и следење на светските трендови, во изминатиот период поддржавме, а и ќе продолжиме да поддржуваме поголем број на иновативни иницијативи“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој рече дека употребата на вештачката интелигенција и компјутеризацијата се пресликуваат и применуваат и во јавната сфера, како и во работењето на институциите.

„Илустрирано преку едноставни примери, ако порано билетите ги издаваа луѓе, сега тоа го прават машините. Физичкото плаќање на сметки кое порано беше единствено можно преку шалтери, сега е заменето со онлајн плаќање, исто како што е овозможено и вадењето на лични документи да биде по електронски пат, а она на што веќе работиме е електронски ИД за граѓаните на Северна Македонија. Така го исклучуваме влијанието на човечкиот фактор, можноста за грешки и за коруптивни практики“, рече премиерот Ковачевски.

Фото: Влада на РСМ

Заменик-претседателот на Владата Фатмир Битиќи рече дека АДА е материјализирање на промената која ни е потребна на сите, материјализација на дигитализацијата во име на транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор.

„Имаше две клучни работи пред две години кога ја почнавме дискусијата за АДА. Првото беше извештајот на Стејт Департментот кој тогаш излезе за борбата со корупција. Во сегментот за борба против корупција имаше еден дел кој се однесуваше на делењето на државната помош и поддршка на инвестиции, и во истиот стоеше дека транспарентноста е клучна за сузбивање на појавата на корупција и дека елиминацијата на истата ќе биде императив и треба да биде императив на Владата. И денеска нормално, одговорот го најдовме во дигиталниот асистент базиран на вештачка интелигенција АДА“, рече Битиќи.

Вториот предизвик, рече тој, бил личен, затоа што како претседавач на советот за стартап екосистемот сакал да им се помогне на домашните компании да го покажат тоа што го знаат. Како резултат на тоа настанала АДА, креирана од домашната стартап компанија „Кодвел“.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили рече дека со проектот АДА се испраќа силна порака дека е време за нови технолошки промени кои ќе обезбедат подобра иднина за сите граѓани.

Фото: Влада на РСМ

„Инвестициите во развој на вештачка интелигенција бележат раст во нашата земја, а придобивките од неа ќе ги почувствуваме многу скоро. Фондот како институција ќе продолжи да поддржува вакви и слични иницијативни кои ќе доведат до побрза дигитализација и трансформација на македонскиот екосистем”, рече Халили.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу рече дека преку ваквиот вид дигитализација се очекува да се намали и корупцијата.

Нино Карас, еден од коосновачите на компанијата „Кодвел“ која ја изработи АДА, рече дека дигиталниот асистент овозможува креирање на дигитални вработени кои се експерти на затворен домен на знаење и автоматизираат комуникација со крајни корисници.

„Ваквите дигитални асистенти се во можност да обезбедат природна комуникација со крајните корисници преку чет-каналите налик на комуникација со реален човек, достапни се во секое време и ги услужуваат корисниците на нивниот мајчин јазик. Напросто, замислете да имате пристап до најдобриот шалтерски работник, кој ви е достапен 24/7 за комуникација преку популарните чет апликации и кој може да ви помогне со сè што ви е од интерес, а е поврзано со соодветната институција“, изјави Карас.

Компанијата „Кодвел Анлимитед“ на објавениот јавен повик, во конкуренција на три проекти, беше оценета како најиновативната идеја за дигитален AI асистент за чија реализација државата преку Фондот за иновации и технолошки развој обезбеди девет милиони денари од буџетот на ФИТР.