Во третиот квартал за над 30 отсто зголемен бројот на починати во споредба со лани

Фото: Isaac Quesada on Unsplash

Бројот на починати лица во земјава и во третиот квартал од годинава продолжува загрижувачки да расте. Од јули до септември годинава во Македонија се регистрирани 7.209 починати лица, што претставува зголемување од 30,7 отсто во споредба со истото тримесечје од 2020 година.

Во екот на ковид-19 пандемијата, земјава има негативен природен прираст, којшто изнесува  -2 144, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца во споредба со бројот на умрените лица.

Бројот на живородените деца во третото тримесечје од 2021 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 3,8 отсто и тој изнесува 5.065.

Инаку, голем раст кај бројката на починати лица се бележи веќе неколку квартали по ред, при што загрижувачките бројки коинцидираат со појавата на ковид-19 пандемијата во земјава.

Највисок број на починати лица беше забележан во вториот квартал годинава, кога за три месеци беа регистрирани 7.496 починати лица во Македонија. 

Мета.мк веќе пишуваше дека во 2020 година е регистриран рекорден пораст на бројот на починати, како ниту една година до тогаш за периодот од 1995 година наваму. Лани биле регистрирани над 25 илјади починати лица, односно за 26 отсто повеќе во споредба со претходната година.

Според актуелната состојба во земјава, речиси е извесно дека 2021 година ќе ја завршимe и со надминување на минатогодишниот негативен рекорд на починати лица, земајќи го предвид фактот дека во изминативе девет месеци се пријавени над 21.000 починати лица.