Во Охрид ќе се гради модуларна болница со капацитет од 40 легла, се чека изведувач

Охрид полека ја остава летната сезона зад себе и се подготвува за есенскиот период, во кој можен е зголемен број на пациенти со ковид-19.

Капцитетот на охридската болница планирано е да се зголеми со модуларна болница со капацитет од 40 легла, со целокупна опрема. Општина Охрид во најбрз можен рок треба да го подготви теренот за монтажната болница со тампонирање на предвидениот простор, отворање на пристапен пат и поставување на водоводна и канализациона инсталација.

– Во моментов се разгледуваат неколку опции за изведувачи на предвидените активности. Со оглед на итноста ќе биде избрана опцијата која ќе овозможи најбрз почеток на изведување на зафатите. Штом се донесе одлука за тоа кој ќе биде изведувач, активностите веднаш ќе започнат – велат од локалната самоуправа.

Во ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид на Одделението за инфективни болести во моментов има 10 пациенти со лесна клиничка слика на ковид-19 и 6 лица на Геријатриското одделение, кои се суспектни на вирусот и за кои се чека резултат од тест.