Фото: Mehr News Agency, CC BY 4.0, Викимедија комонс

Министерството за здравство денеска соопшти дека вкупно 1.699 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава.

„Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“, дополнуваат од МЗ.

Министерот за здравство, Венко Филипче утрово соопшти дека справувањето со третиот бран на корона вирусот кој е многу силен е исклучително тешко.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1.013 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во главниот град хоспитализирани се 686 пациенти, каде голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 124 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 90 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 43 пациенти, во Велес се лекуваат 101 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 132 во ковид центарот во Гостивар 37, а во Струга 22 болен. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 99 пациенти, во Кочани 26 во Кичево 40, Кавадарци 67, а во Гевгелија 22 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 67 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. На Интерните и хируршки клиники имало 39 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 8 примени пациенти и 12 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 4 нови болни и 2 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени двајца пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 74 слободни места“ велат од ресорното министерство.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 44 оздравени пациенти.