Во БиХ наскоро ќе се патува само со лична карта

Советот на министри на Босна и Херцеговина на денешната седница го утврдил текстот на предлог-договорот со Владата на Македонија за условите при патувањето на државјаните од двете земји, со што би се проширила економската соработка во областа на туризмот и на културата, пренесуваат медиумите во БиХ.

Во соопштението од владината седница се наведува дека на тој начин ќе се олесни патувањето на граѓаните од Македонија и од Босна и Херцеговина со преминување на границите со биометриски пасоши или со биометриска лична карта и престој во една од земјите до 90 дена во период од 180 денови.

Како што пренесуваат медиумите во БиХ, предлог-договорот со извештајот од преговорите ќе биде доставен до
претседателството на Босна и Херцеговина, а за негов потписник од босанска страна е определен министерот за надворешни работи, Игор Црнадак.