ВМРО-ДПМНЕ до Управниот суд ќе поднесе жалби за сите приговори одбиени од ДИК

ВМРО-ДПМНЕ ќе го искористи правото на жалба пред Управниот суд за сите приговори за локалните избори на 15 октомври, што беа одбиени од Државната изборна комисија, соопштија денеска од опозициската партија, додавајќи дека нема да дозволат некој да ја уништува демократијата и правната држава во Република Македонија.

Рокот за поднесување жалби до Управниот суд е 24 часа и истекува вечерва, имајќи предвид дека ДИК синоќа им ги достави решенијата на политичките партии за чии приговори одлучуваше. Откако ќе ги добие приговорите, Управниот суд има рок од 48 да одлучи по нив.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ ги организирала најнедемократските избори во историјата на независна Македонија и дека целата изборна кампања поминала во изборен поткуп, уцена и со закани врз гласачите, додека во текот на изборниот ден бил спроведен и т.н. бугарски воз, односно гласачките кутиите биле полнети со гласачки ливчиња однапред заокружени за СДСМ.

Партијата ја обвини и ДИК дека станала соучесник во сето тоа, „занемарувајќи и релативизирајќи очигледни факти и докази, со што се стави во функција на прикривање на изборните криминали на СДС“.

„ВМРО-ДПМНЕ ги повикува ОБСЕ/ОДИХР да ги нотираат овие очевидни случаи на криминал, да застанат на страна на демократијата, правото на глас и на слободата како врвни вредности на цивилизираниот свет“, се додава во соопштението.

Државната изборна комисија ги одби сите приговори поднесени за гласањето и за сумирањето на резултатите од првиот круг на локалните избори, од кои 40 беа поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и по еден од ТМРО, Алијанса за Албанците и од Левица.