Влада: Дистрибуција на природен гас по пат на јавно-приватно партнерство

Владата на вчерашната 119. седница донесе одлука за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас во земјава по пат на јавно-приватно партнерство, информираат од таму.

„Владата вчера ја разгледа и ја усвои информацијата за изготвување на предлог модел за развој на системи за дистрибуција на природен гас во Македонија, со предлог-одлука. Истовремено донесе одлука за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на Македонија“, се вели во соопштението.

Владата, на вчерашната седница, ги задолжи министерствата за животна средина и просторно планирање и за транспорт и врски, кабинетите на премиерот и на вицепремиерот за економски прашања, Регулаторната комисија за енергетика и АД МЕР Скопје, во рок од три дена до Министерството за економија да достават номинации за член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на Република Македонија. Министерството за економија, пак, е задолжено до Владата да достави предлог решение за формирање Комисија за спроведување на оваа постапка.

Паралелно на ова, продолжува започната активност преку Европската банка за обнова и развој за изградба на гасоводната мрежа.