Фото: Мета.мк

Од Министерството за здравство информираат дека само 29 проценти од населението на возраст меѓу 18 и 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина против ковид-19. За разлика од нив, 53 проценти од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина.

Нискиот степен на имунизација кај младите во изминатиов период доведе до тоа да се зголеми бројот на смртни случаи кај лицата помлади од 40 години, кои речиси секој ден се наоѓаат помеѓу бројките на починати лица во билтенот на Министерството за здравство.

Инаку, од Министерството информираат дека вчера прва доза вакцина примиле 3.475 граѓани, додека вкупно се вакцинирале 13.037 граѓани. Заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 737.060 граѓани, при што две дози вакцина против ковид-19 примиле 555.322 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.292.383 дози вакцини.

„Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата“, велат од Министерството за здравство.