Увозот на половни возила лани бил намален, расте интересот за купување нови автомобили [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

По долги години, во Македонија лани драстично опаднал бројот на увезени половни автомобили од странство, за сметка на зголемениот број на увезени нови автомобили. Податоците на Царинската управа на РСМ за 2022 година покажуваат дека лани во земјава биле увезени 24.944 автомобили, заклучно со ноември 2022 година, при што 18.042 од колите се внесени во земјава како стари, додека автодилерите успеале да увезат 6.902 нови автомобили.

И покрај тоа што бројките за 2022 година не ги вклучуваат и податоците за декември, од нив може да се увиди скок на интересот кај граѓаните за купување на нови автомобили. За споредба, во сите 12 месеци од 2021 година биле увезени 5.815 нови автомобили, што е за 1.100 возила помалку од ланската година без декември. Со ваквите добри резултати, можно е земјава да ги надмине податоците од 2010 година, кога биле увезени 7.183 автомобили на ново. Ова значи дека 2022 година е рекордна година според продажбата на нови автомобили во Македонија во изминатава деценија.

Мета.мк ги спореди податоците од Царинската управа на РСМ за изминативе 13 години и утврдивме дека најголем дел од увезените автомобили и лани биле купени на старо од странски земји. Сепак, процентуалниот удел на половните возила во вкупниот увоз на коли во Македонија се намалил. Па така, 72,3 отсто од автомобилите увезени лани биле половни, додека 27,7 отсто биле увезени како нови. Ваква распределба кај увозот не е забележана претходно во изминатава деценија, бидејќи процентуалното учество на новите автомобили во годишниот увоз било максимално до 20 отсто.

Бројките наведени погоре не треба да бидат за изненадување, ако се знае дека всушност огромно мнозинство од увезените автомобили во земјава се всушност дизелаши. Во 2022 година имаше рекорден раст на цената на нафтените деривати, особено во текот на летото, а до денешен ден цената на литар дизел гориво на бензинските пумпи во Македонија е повисока од цената на бензинот, според податоците на Регулаторната комисија за енергетика. Заедно со порастот на цените на нафтените деривати, во земјава лани имаше значителен раст на инфлацијата, така што зголемените трошоци на живот примораа поголем број од граѓаните да се откажат од намерата за купување на ново возило.

Наспроти сеопштиот раст на цените во Македонија, и во европските земји, од каде што се увезуваат речиси сите возила на старо кај нас, во 2022 година беше забележан енормен раст на цената на половните автомобили. Блумберг уште во мај лани пишуваше дека вредноста на старите автомобили во Германија скокнала за 27 отсто во текот на април 2022 година, додека понудата на автомобили за купување опаднала за 18,5 отсто во споредба со истиот месец претходната година.

И онлајн страницата за трговија со возила AutoScout24 кон крајот на декември лани објави дека половните автомобили достигнале рекордни цени во историјата, така што просечната цена за купување на автомобил на старо во ноември 2022 година се искачила на 24.772 евра. Драстичното поскапување на половните возила во странските земји по автоматизам повлече раст на цените на автомобилите што се продаваат и во земјава.

Па така, меѓу огласените возила на македонските веб-страници за продажба на возила не може да се пронајде автомобил кој е поевтин од 7.500 евра, а којшто е произведен во периодот околу 2015 година. И кај најмалите автомобили од најниска класа, коишто биле произведени во периодот 2006-2010 година, не може да се пронајдат поевтини возила во моментов од 3.500 евра, според проверката што ја направи Мета.мк на почетокот од јануари годинава.

Се заборави на забраната за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди

Државата заборави на ветената забрана за увоз на возила во земјава со под ЕУРО 5 стандарди на емисија на издувни гасови. Министерот за економија Крешник Бектеши кон крајот на јануари 2021 година рече дека во текот на годината би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава, односно да се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард. Во 2021 година не беше реализирано ваквото ветување, коешто беше поместено за исполнување во минатата година. Сепак, и лани не се случи заострување на критериумите за увоз на половни возила во земјава, за што Мета.мк веќе објави посебен текст.

Мета факт: Не се исполни ветувањето на министерот Бектеши за забрана на увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард

Од Министерството за економија за Мета.мк деновиве информираа дека сега воопшто не размислуваат на измена на правилниците, со кои ќе се изврши забрана за увоз на возила со ниво на емисија на издувни гасови со под ЕУРО 5 стандардот. Тие немаат конкретни информации дали би можела да се донесе ваквата одлука во текот на 2023 година, напоменувајќи дека одлуката за промена на нивото на емисија на издувни гасови за возилата кои се увезуваат најчесто доаѓа од Владата на РСМ, а тие како министерство требало единствено да ја спроведат со измена на правилниците. Засега нема информација кога Владата на седница ќе расправа за донесување на одлука за заострување на критериумите, велат за Мета.мк од Министерството за економија.

Податоците на Царинската управа на РСМ од 2009 година до денес покажуваат дека во Македонија биле увезени над 420.000 половни возила, од кои убедливо најмногу се автомобили на старо. Пониските стандарди за емисии на издувни гасови кои ги имаат овие возила, заедно со рапидниот раст на патниот сообраќај низ градовите, влијае врз наголемувачкото влијание на транспортот во загадувањето на воздухот. Просечната старост на возниот парк во земјава, заклучно со 2021 година, изнесуваше 19,5 години.

Возиме крш – просечната старост на автомобилите и автобусите се искачи на 19,5 години [инфографик]

Па така, главните резултати од Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје, која беше презентирана лани во март во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“, покажа дека сообраќајот, заедно со индустријата и соговорувањето на нафта и мазут се извори на загадување на воздухот во текот на целата година. Па така, мерењата извршени на мерната станица во Ново Лисиче покажале дека сообраќајот е вториот најважен извор на загадување во оваа скопска населба по затоплувањето на домовите.

Во зима најмногу загадува греењето на дрва, градилиштата во лето, а сообраќајот и индустријата цела година