fbpx

Мета факт: Не се исполни ветувањето на министерот Бектеши за забрана на увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард

-

Изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дадена на крајот од јануари 2021 година дека во Северна Македонија лани ќе се забранел увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови е невистинита. Заострувањето на критериумите за увоз на половните возила во земјава не се случи во 2021 година, ниту пак се има случено до денешен ден во 2022 година.

„Оваа година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава. А, во однос на мерки ние веќе спроведуваме неколку мерки за вградување на плински уреди во возилата“, најави министерот за економија, Крешник Бектеши на конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“, напиша Дојче Веле сервисот на македонски јазик на 27 јануари 2021 година, најавувајќи дека во 2021 година ќе се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард.

Ваквата најава ја објавија и телевизиите Сител и Алсат-М еден ден претходно, на 26 јануари 2021 година, пренесувајќи ја ваквата изјава на министерот за економија Крешник Бектеши.

Изјавата што ја даде министерот Бектеши не се оствари до крајот на 2021 година, ниту пак беше спроведена од Владата на РСМ во текот на 2022 година, до денот на пишување на овој текст.

На 9 април 2021 година, Мета.мк објави текст со најава од Министерството за економија дека на почетокот на мај 2021 година Министерството за економија ќе започне со изработка на анализа која треба да даде податоци за промена на Правилниците за зголемување на стандардите за увоз на возила, односно да се укине Еуро 4 стандардот.

„Откако ќе биде изработена анализата и согласно податоците ќе се пристапи кон промена на Правилниците“, информираа за Мета.мк од Министерството за економија во текстот објавен на 9 април 2021 година.

Веќе во јули 2021 година, Мета.мк објави дека Министерството за економија изјавило оти се изработува анализата која ќе треба да ги даде податоците за промена на Правилниците за зголемување на стандардите за увоз на возила од странство, односно да се укине увозот на половни возила во земјава со под ЕУРО 4 стандардот.

„Откако ќе биде изработена анализата и согласно податоците ќе се пристапи кон промена на Правилниците“, одговориле накратко од Министерството за економија во текстот објавен на 10 јули 2021 година.

Веќе во октомври минатата година, надлежните власти информираа дека ветувањето на министерот Бектеши за забрана за увоз на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди нема да се оствари во 2021 година.

„Во рамките на Министерството за економија е во завршна фаза анализата на правилниците кои произлегуваат од Законот за возила, а го регулираат увозот на моторните возила. Воедно се определуваат техничките спецификации кои треба да ги исполнуваат возилата при увоз за да биде задоволен најмалку ЕУРО 5 стандардот. Се очекува правилниците да бидат донесени на почетокот од идната година“, информираа за „Мета.мк“ од Министерството за економија во текстот што е објавен на 1 октомври 2021 година.

На почетокот од 2022 година, Мета.мк на 12 јануари годинава пишуваше дека Министерството за економија одговорило оти одлуката за промена на нивото на емисија на издувни гасови за возилата кои се увезуваат треба да ја донесе Владата на РСМ, додека тие како министерство треба да ја спроведат преку измена на правилниците.

„Се прави анализа на правилниците кои произлегуваат од Законот за возила, а го регулираат увозот на моторните возила. Воедно се определуваат техничките спецификации кои треба да ги исполнуваат возилата при увоз за да биде задоволен најмалку ЕУРО 5 стандардот“, рекле од Министерството за економија во јануари 2022 година.

Изминатава пролет од Владата на РСМ за Мета.мк изјавија дека одлуката за менување на правилниците за увоз на половни возила, со која ќе се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови не е донесена.

„Кога точката ќе биде на дневен ред на седница на Влада и се донесе одлука за истата, јавноста ќе биде информирана“, велат накратко од Владата на РСМ, објави Мета.мк на 11 мај 2022 година.

Како од Владата на РСМ, така и од Министерството за економија за Мета.мк летово информираа дека македонската јавност ќе биде благовремено известена кога извршната власт ќе ја донесе ваквата забрана, заедно со датумот од кога истата би стапила на сила, напиша Мета.мк на 27 август 2022 година.

Мета.мк на 1 ноември годинава ги испрати следниве две прашања преку e-mail до Министерството за економија:

*Кога би можело да се очекува донесувањето на одлуката за заострување на критериумите за увоз на половни возила од странство, со кои ќе се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди во земјава? Дали е предвидено да биде донесена ваквата одлука во текот на годинава?

*Од кој датум би стапила на сила забраната за увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди во земјава?

И покрај ова, од Министерството за економија не добивме одговор на поставените прашања до пишувањето на овој текст.

Врз основа на сите погоре наведени аргументи, можеме да оцениме дека изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши за тоа дека во 2021 година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава е невистинита, односно до денешен ден македонската влада нема донесено одлука, ниту пак има определено конкретен датум од кога би започнала забраната за увоз на стари возила со под ЕУРО 5 стандарди во земјава.

 

ИЗВОРИ

Дојче Веле сервис на македонски јазик (27.1.2021 година): Стоп за увозот на стари возила, проверено на 01.12.2022 година.

ТВ Сител (26.1.2021 година): Министерството за економија најавува промени во правилата за увоз на поволни автомобили, проверено на 01.12.2022 година.

ТВ Алсат-М (26.1.2021 година): Возила под ЕУРО 5 нема да може да се увезуваат во Македонија, проверено на 01.12.2022 година.

Мета.мк (9.4.2021 година): Продолжува увозот на стари возила под Еуро 5 стандардите, Министерството за економија во мај ќе прави анализи, проверено на 01.12.2022 година.

Мета.мк (10.7.2021 година): Се работи на измените, но нема датум од кога ќе биде забранет увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди, проверено на 01.12.2022 година.

Мета.мк (1.10.2021 година): Забраната за увоз на половни возила под ЕУРО 5 стандарди се одложува за 2022 година, проверено на 01.12.2022 година.

Мета.мк (12.1.2022 година): Новата влада ќе треба да го забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди [инфографик], проверено на 01.12.2022 година.

Мета.мк (11.5.2022 година): Увезени над 400.000 половни возила, најавената забрана не е на дневен ред [инфографик], проверено на 01.12.2022 година.

Мета.мк (27.8.2022 година): Возиме крш – просечната старост на автомобилите и автобусите се искачи на 19,5 години [инфографик], проверено на 01.12.2022 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЗНМ: Претставка до ДИК за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Мета.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката...