Саем на универзитети: Матурантите се запознаа со понудата и работата на факултетите

Не секогаш на веб-страниците на факултетите можеме да ги најдеме информациите кои ни се потребни. Овде имаме директна можност да зборуваме со професори, да видиме што работат и да се запознаме со она што би го студирале, вели матурантката Ана Спасовска

Матурантите имаа можност да се запознаат одблизу со работата на факултетите. Фото: Мета.мк

Софтверско инжинерство и иновации, лабораториско биоинжинерство, прехранбена биотехнологија, ветеринарна медицина, студии по новинарство… Ова се само некои од студиските програми, со кои денеска имаа можност да се запознаат матурантите – идни бруцоши, на саемот на универзитети „УниКомпас“, кој се одржа во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ). Настанот, кој го посетија десетици млади, нивни родители и пријатели, го организираше „СтудентаријаМК“, најголемата дигитална студентска заедница во земјава.

На настанот учествуваа повеќе од 20 факултети, кои на своите штандови ја презентираа нивната работа на младите. За нив, пак, овој саем е одлична можност да се запознаат со тоа, што нудат факултетите.

На штандот на Факултетот за фармација присутните можеа под микроскоп да видат пресек на бор. Фото: Мета.мк

„Не секогаш на веб-страниците на факултетите можеме да ги најдеме информациите кои ни се потребни. Овде имаме директна можност да зборуваме со професори, да видиме што работат и да се запознаме со она што би го студирале. Јас се определив за Медицински факултет, тоа ми беше желба уште кога бев во основното образование“, ни рече матурантката Ана Спасовска.

Мишко Џидров, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, оцени дека ова е прекрасен настан, на кој оние средношколци кои не се одлучиле каде понатаму, можат да видат кои се студиските програми кои ги нудат универзитетите.

Голем интерес кај матурантите имаше и за студиските програми што ги нуди Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Фото: Мета.мк

„Кај нас има 12 факултети и три уметнички академии, односно околу 70 активни студиски програми на прв циклус. Ги повикувам младите да ги посетат и нашите веб-страници, да видат кои се професите, какви истражувања се прават. Изминатите години најголем интерес кај нас има за медицина, но константен е интересот за информатика, за правниот и економскиот факултет, туризам и за техничките факултети“, вели Џидров.

Свој штанд имаше и Бреинстер некст колеџот, на кој младите имаа можност да видат што нуди оваа високообразовна институција. Маркетинг директорката Ања Марија Макеска, смета дека една од најважните одлуки во животот е изборот на кариера бидејќи тоа го дефинира целиот живот.

„Кај нас не се обрнува доволно внимание во образовниот систем на таа одлука и затоа мислам дека треба да има поголем фокус на тоа уште во основното образование. Потребни се кариерни насочувачи кои ќе им ги објаснуваат на младите идните професии. Важно е да имаме луѓе кои се во тек со новите трендови во технологијата, па ни требаат повеќе обучени луѓе во тој дел. Ние кај нас имаме таков кадар, кој ќе им помогне на младите да си ја изберат професијата. Во Брејнстер има голем интерес, имаме листи на чекање затоа што сме пополнети освен последните групи на двете студиски програми кои се отворени за оние студенти кои сè уште се немаат одлучено. Сакаме да ги одбереме најдобрите кандидати за соодветните смерови, кои ќе ги препорачаме на нашите партнер компании. Имаме тригодишни студии по софтверско инжинерство и иновации, како и графички дизајн. Се работи во помали групи, работиме практично, односно од првиот час кодираат, од првиот час дизајнираат“, вели Макеска.

Младите се интересираа и за студиите на ФЕИТ. Фото: Мета.мк

На присутните на саемот, свое претставување имаше и Факултетот за фармација. Благој Ацевски, асистент на овој факултет, вели дека имаат три студиски програми – магистер по фармација (петгодишни интегрирани студии), лабораториско биоинжинерство (тригодишни студии со опција за мастер плус две), како и програмата за диететика и диетотерапија.

„Најголем интерес кај нас има за насоката магистер по фармација бидејќи нашата држава има развиена фармацевтска индустрија, ги имаме „Алкалоид“, „Реплек“ и други компании каде реално во моментов дури има и мал дефицит на фармацевти на пазарот, Така што, со изборот на овие студии сигурно се доаѓа до вработување“, вели Ацевски.

За да привлече студенти, државата веќе неколку години по ред им дава месечни стипендии од 18.000 денари на студентите на Природно-математичкиот факултет (ПМФ), кој исто така денеска ја претстави својата работа на „УниКомпас“. Сепак, како што велат од факултетот, не секогаш стипендиите се пресудни при изборот на младите за некој од институтите во рамки на овој факултет.

Вработени на Институтот за биологија при ПМФ ги информираа младите за студиските насоки што ги нудат. Фото: Mета.мк

Професорката Даница Крстовска, која е раководителка на Институтот по физика, вели дека стипендијата секако е добредојдена, но таа не секогаш е пресуден фактор за запишување на ПМФ.

„Вакви настани се важни за младите, овде можат да дојдат и да видат како се изучувааат природните науки. Овде може да видат експерименти, да поразговараат со професорите. Интересот кај младите за упис кај нас е променлива величина. Ако имаме на пример, 20 запишани студенти во прва година, следната година може да имаме 40. Тоа зависи од состојбата во државата, но миграцијата и одливот на мозоци си го прави своето. Вкупно имаме околу 300 студенти на ПМФ. Бидејќи се дефицитарни кадри, нема невработени од нашите дипломци. Младите деца не сакаат да учат наставни насоки, не сакаат да бидат учители. Невработени физичари немаме. Студиите се прифатени секаде, нема дополагање ако сакаат во друга земја да се вработат“, вели Крстовска.

Проф. д-р Бети Андоновиќ, професорка на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ), како и продеканка за наука и меѓународна соработка, оцени дека вакви настани треба да се организираат почесто.

„Овој настан посебно ми се допаѓа затоа што гледам дека е посетен. Матурантите можат да видат што се случува на факултетите. Мислам дека не се доволно запознаени со понудата на факултетите. ТМФ е факултет кој целата индустрија ја обезбедува со кадри, па кога би се запишале кај нас, би имале сигурно вработување. На нашиот факултет има најголем интерес на прехранбена технологија, биотехнологија и дизајн и инжинеринг на облека. Но, во последно време се забележува и интерес за програмата инжинерство на материјали и нанотехнологии, како и за металургијата“, вели Андоновиќ.

Целта на настанот „УниКомпас“ е да ги опреми матурантите со увид и ресурси што им се потребни за да донесат информирани одлуки за продолжување на нивното образование и кариера. Тој е единствена можност за средношколците и идни студенти на едно место да се сретнат со претставници на повеќе факултети и универзитети, да дознаат за нивните студиски програми, уписни рокови, можности за стипендии и кариера, животот на кампусите, но и да учествуваат на работилници за кариерно советување и да ги истражат различните образовни и професионални патишта кои ќе ја одредат нивната иднина.