Украинското МНР ги повика ЕУ, НАТО и Г7 да го зголемат притисокот врз Русија

Фото: Укринформ

Ден по завршувањето на „референдумите“ во Херсонската, Запорижската, Луганската и Донецката област на Украина кои меѓународната заедница масовно ги осуди, украинското Министерство за надворешни работи повика на значително зголемување на западната воена помош за земјата.

„Украина ги повикува ЕУ, НАТО и Г7 веднаш и значително да го зголемат притисокот врз Русија, конкретно со воведување нови тешки санкции и значително зголемување на воената помош за Украина“, наведено е во коминикето кое го пренесе и Амбасадата на Украина во Северна Македонија.

Украинското Министерство за надворешни работи побара од ЕУ, НАТО и Групата седум „тенкови, борбени авиони, артилерија со долг дострел, системи за противвоздушна и противракетна одбрана“.

Дополнително, во коминикето се повикуваат „сите земји и меѓународни организации да ги осудат незаконските дејствија на Кремљ на привремено окупираните украински територии“.

Министерство за надворешни работи на Украина референдумот што го организираше Руската Федерација од 23 до 27 септември го нарече пропагандно шоу и присилување на луѓето на овие територии да пополнат некои документи под нишан на руските војници.

„Тоа е уште едно руско злосторство во текот на нејзината агресија против Украина. Ваквите дејствија сериозно ги кршат Уставот и законите на Украина, како и нормите на меѓународното право и меѓународните обврски на Русија“, истакна украинското МНР.