Украинската влада со продажба на незаменливи токени ќе се брани од Русија

Andrey Metelev / Unsplash

Владата на Украина изјави дека ќе започне да издава незаменливи токени (Non-fungible tokens, NFT) за да ја исплаќа војската што ја брани државата при воениот конфликт со Русија, пренесува Би-би-си.

Изјавата на заменикот на премиерот, Михајло Федоров беше јавно споделена истата недела кога Украина успеа да собере повеќе од двесте милиони фунти од продажба на воени обврзници. Овие обврзници се еден од неколкуте начини што земјата ги користи за да ги зголеми своите финансиски фондови.

Владата на Украина моментално е во преговори со Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка за добивање помош.

На својот Твитер профил, заменикот претседател на владата, Федоров преку твит објава за лансирањето на незаменливите токени нагласи дека владата нема намера да продава заменливи токени, како што се на пример криптовалутите.

Тој додава дека токените ќе бидат лансирани наскоро.

Незаменливите токени се „единствени“ средства во дигиталниот свет што можат да бидат купени и продадени како било каков друг имот, само што немаат опиплива, конкретна форма. Дигиталните токени се купуваат како сертификати за поседување на виртуелни или физички средства.

Украинската влада се обидува да пронајде нови начини за средства со кои може да ги финансира своите воени сили што се борат со руските трупи за време на девет дневната инвазија, која започна минатиот четврток на 24 февруари.