Незаменливи токени – новата „златна треска“ во дигиталниот свет

Незаменлив токен
Пример за слика која претставува NFT / фото: Wikimedia Commons, создадено од "Suum Cuique Labs GmbH"

Пред околу еден месец, за да ја одбележи 10-годишнината од анимираното видео познато како Nyan Cat, неговиот автор создадал единствена верзија од краткото видео и ја ставил на аукција на Foundation, новата платформа за дигитална уметност. Анимацијата со Nyan Cat била продадена по цена од 300 етериуми, или некаде над 500.000 американски долари.

Канадската пејачка Грајмс продаде неколку свои видеа на ист начин, меѓу кои највредното видео од педесет секунди било купено за 390.000 долари. Кратко видео од Леброн Џејмс, пак, кое секој може да го погледне бесплатно на Јутјуб, безброј пати, е продадено за 200.000 долари.

Во новата „златна треска“ почнаа да се вклучуваат и други големи имиња, па така, модната куќа „Гучи“ продаде анимација со свој дизајниран дух за скромни 3.600 долари, пишува The Verge.

По бавниот пораст на популарноста во последниве месеци, т.н. „незаменливи токени“ го доживеаја својот врв изминатава недела и веќе се опишуваат како „следното големо нешто“ во светот на технологијата.

Истовремено, „крипто уметноста“ почнува да добива големо внимание и веќе постојат неколку дигитални пазари каде колекционерите можат да купуваат и продаваат дигитални дела. Овие дела генерално се продаваат токму преку „незаменливите токени“ (non-fungible tokens или NFT) кои претставуваат уникатни дигитални токени што функционираат преку блокчејн технологијата. Само во февруари, пазарот на NFT вредел 86 милиони долари.

И Џек Дорси, извршниот директор на Твитер, oбјави дека ќе го продаде неговиот прв твит како „незаменлив токен“ по пат на наддавање. Твитот од 2006 година е ставен на аукција на платформата Valuables, каде наддавањето ќе заврши на 21 март. Во моментов, највисоката понуда за твитот составен од пет зборови изнесува 2,5 милиони долари, претворени во криптовалутата етериум.

Што всушност се „незаменливи токени“ и за што служат?

Многумина би можеле да ја пресликаат „Мона Лиза“ и да продаваат нејзини копии насекаде во светот, но оригиналот, насликан од Леонардо да Винчи е само еден и во моментов се наоѓа во музејот „Лувр“ во Париз.

Дигиталните дела – слики, видеа, анимации, исто како и уметничките, можат да се копираат и да се објавуваат бесконечно и секаде на интернет, но кога за нив ќе се креира NFT, преку процес кој се нарекува „токенизирање“ или „ковање“, тие стануваат автентични и уникатни.

Незаменливиот токен ја потврдува автентичноста на делото. Така, делото станува уникатно и не може да се замени со нешто друго.

За споредба, биткоин како дигитално средство, е заменлива валута- може да се продаде еден за друг биткоин, и на крај ќе се поседува истото нешто. Но, секој незаменлив токен е единствен од неговиот вид. Доколку се замени за некој друг токен, ќе се добие нешто сосем поразлично, односно не постојат два идентични NFT.

Најголемиот дел од незаменливите токени се дел од блокчејнот на криптовалутата етериум. И покрај тоа што се работи за дигитална валута исто како и биткоин, блокчејн технологијатa на етериум ги поддржува незаменливите токени, кои можат да складираат дополнителни податоци. Тие податоци подразбираат информации за тоа кој ја создал содржината, за која вредност истата е продадена и кој сè ја поседувал. На тој начин токенот претставува сертификат за сопственост.

Зошто некој би платил за „меме“ или видео што секој може да го гледа и симне бесплатно?

Блокчејн технологијата осигурува дека сите информации во токенот се непроменливи и не подлежат на измама.  И додека содржината – „мемето“ или анимацијата, може да се најде секаде на интернет, со купувањето на NFT значи дека се купува сертификат за негово сопствеништво. Незаменливите токени се дизајнирани за да му дадат на купувачот дело што не може да се копира, односно му ја даваат сопственоста врз делото.

Доколку се направи споредба со физичкото колекционерство – тоа значи дека секој би можел да купи копија на некое дело на Леонардо да Винчи, додека оригиналот на делото е само еден.

The Verge забележува дека предноста кај NFT за уметниците е тоа што им овозможуваат да ги продаваат нивните дела за кои инаку нема голем пазар. Секогаш кога делото ќе биде препродадено, авторот ќе добие процент од таа препродажба. Вакво нешто не постои во традиционалниот пазар на уметнички дела.

Креаторот на анимацијата Nyan Cat, Крис Торес, рекол дека крипто-уметноста им овозможува на креаторите на мемиња директно да профитираат од нивната работа која инаку секој може бесплатно да ја сподели на интернет.

„Тоа му дава моќ на креаторот. Креаторот го поседува оригиналот, и потоа може да го продаде и директно да заработи од него, но и да добие признание за неговата работа“, истакнал Торес.

Предноста за купувачите, пак, е тоа што им се овозможува финансиски да ги поддржуваат дигиталните уметници, чии фанови се. Купувачите на дигиталните дела ја имаат привилегијата да добијат сертификат за поседување на оригиналните дела. Кажано со блокчејн речник – тоа е исто како да поседуваат и автограм на уметникот.

Купените уметнички дела можат и да се препродаваат, па затоа би можело да се каже дека и во крипто-уметноста има елемент на инвестирање, впрочем како и во секој друг систем базиран на блокчејн технологијата, бидејќи секој може да го препродаде купеното дело заради профит.

Иднина на колекционерството на уметнички дела или деструкција на околината

Незаменливите токени веќе се третирани како да се иднината на колекционерството на ликовни дела. Тие им овозможуваат на авторите да ги автентицираат своите дела, а автентичноста отсекогаш била клучна во уметноста. Сепак, познавачите на овој новитет сметаат дека незаменливите токени имаат многу повеќе заеднички карактеристики со колецкионерстовто, отколку со уметноста.

Создавањето на дигиталните уметнички дела и незаменливите токени доаѓа по цена на околината. Обработката на трансакциите со криптовалути бара огромна компјутерска моќност, која пак генерира големи количества електрична енергија. Тоа предизвикува сè поголема загриженост за животната средина.

„Лос Анџелес Тајмс“ проценува дека компјутерските мрежи кои ги одржуваат системите на криптовалутите биткоин  и етериум, користат еднакво количество на електрична енергија колку Аргентина и Еквадор годишно.

Незаменливите токени сè уште ја немаат пронајдено својата вистинска намена, но се сметаат за нешто кое долго време ќе биде вредно во дигиталниот свет.

И британската аукциска куќа „Кристис“ (Christie’s) веќе стави неколку свои незаменливи токени на аукција. Светски познатиот графички уметник Бипл, еден од своите колажи го продал за неверојатни 69 милиони американски долари. А сепак, секој може да го види и да го симне на својот компјутер или телефон.