Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува дека циклонот кој доаѓа од Медитеранот може да донесе ново невреме денеска и во наредните денови.

– Попладне нашето подрачје ќе потпадне под влијание на влажна и постудена воздушна маса од северозапад, како и висински циклон, што ќе предизвика во текот на работната недела времето да биде променливо, во некои денови и претежно облачно, свежо и ветровито – велат од УХМР.

Денеска попладне ќе биде нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме.

Во следните денови ќе има повторно обилни врнежи од дожд, наместа проследени со ретки грмежи и со засилен северен ветер. На повеќе места врнежите ќе бидат обилни.

Од УХМР препорачуваат во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.