Ципрас: Инцидентите на Идомени се голем срам за Македонија и за Европа

Голем срам и за Европа и за Македонија се вчерашните инциденти на Идомени, според грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Ципрас остро ја критикуваше Македонија што нападнала невооружени бегалци, кои, според него, воопшто не претставувале опасност за државата и ги осуди насилните инциденти во кампот кај Идомени.

Тој истакна дека вчерашните инциденти поставуваат два нови предизвици за грчката влада. Едниот од нив се странските активисти, кои, според Ципрас, живеат некаде околу Гевгелија и поттикнуваат протести меѓу бегалците, а вториот предизвик е ставот на македонската полиција, која насилно нападнала бегалци кои немале оружје.

„Втор предизвик за нас е ставот на силите на поранешната југословенска Република Македонија. Против луѓе кои немаа оружје, не беа сериозна закана за нив, одговорија со солзавец и со гумени куршуми. Сакам да кажам дека ова е голем срам за европската култура и за земјите што сакаат да се дел од европската култура“, истакна Ципрас.

Тој посочи дека ќе чека реакција од ЕУ, меѓународните организации, но и од УНХЦР за вчерашните насилни инциденти. Грчкиот премиер истакна дека Грција како никоја друга земја на балканската рута им помага и се солидаризира со бегалците, го носи товарот од бегалската криза, поради што изрази и благодарност до грчките граѓани, кои помагаат и покажуваат разбирање за целата ситуација.

Од македонското МНР најавија реакција во текот на денот.