Дали Европската Унија или Македонија ќе ги собира парите од данокот на јаглерод? Дилемата сè уште е актуелна, а државата е во трка со времето, до 2026 година да обезбеди механизми давачката да се наплатува тука, за парите да завршат во домашниот, а не во европскиот буџет. Законот за климатска акција, што го пропишува данокот на јаглерод, давачка што ќе треба да го плаќа секоја индустрија што има поврзаност со употребата на фосилните горива, не е донесен. Доцнењето веќе се брои во години, a процесот сè уште не е завршен и законот не е влезен во собраниска процедура.
Европската Унија, од своја страна, пак, веќе најави дека од 2026 година ќе наплатува надоместок за извоз на продукти од некои индустрии од земјава, преку воведување на CBAM механизмот (Carbon Border Adjustment Mechanism), кој се однесува на стоки и е царинска давачка чија цел е да стави цена на емисиите на јаглерод, употребени за производство надвор од Унијата. Целта е да се мотивираат и овие земји да држат чекор со европските заложби за климатско неутрална Европа до 2050 година, но и да се демотивираат инвеститорите да ги користат за префрлување на производството надвор од ЕУ и користење на фосилни горива.
Од Министерството за животна средина велат дека ги прават сите напори да не дозволат надоместокот да заврши во ЕУ наместо дома. Тоа ќе биде возможно само доколку јаглеродната такса се наплатува во земјава, со што ќе се избегне царинскиот надоместок за извоз на нашите продукти. Сепак, процедурите околу донесувањето на Законот за климатска акција сè уште течат и не се знае кога ќе бидат дефинитивно завршени. А и тогаш, уредувањето на наплатата на данокот ќе треба да се регулира со подзаконски акти, кои можат да се работат во период од 30 месеци, што сериозно ги надминуваат роковите до 2026 година.
„За обврската за наплата на јаглероден надоместок, претходно е потребно да се донесат подзаконски акти. Во рамките на ИПА 3 проектот, кој се очекува да започне кон крајот на годинава и чија имплементација е планирана 30 месеци, ќе се изработат подзаконските акти за методологијата, форматот, начинот на изработка на мониторинг планови и верификувани годишни извештаи на стакленички гасови за идентификуваните субјекти. Всушност, достапноста на верификуваните годишници за стакленички гасови на засегнатите субјекти е предуслов за јаглероден надоместок, а во моментов не може да се даде одговор од кога би започнала примената на јагеродниот надоместок“, велат од Министерството за животна средина.
Тие тврдат дека нивната интенција е до 2026 да се воспостави систем за наплата на надоместокот на национално ниво, како и дека активно работат на реализација на оваа цел.
Посочуваат дека Законот за климатска акција минатиот месец бил доставен до сите инволвирани владини институции за да дадат свои мислења и коментари и дека во моментов се прави меѓуресорска консултација. Паралелно со тоа била спроведена и онлајн обука за повеќе компании за да се едуцираат и да ги зајакнат своите капацитети за пресметка на емисиите на стакленички гасови од нивните инсталации, откако законот и соодветните подзаконски акти ќе стапат на сила.
Елена Николовска од „Еко свест“ вели дека данокот на јаглерод, како механизам за финансирање на мерките и активностите за климатска акција, испраќа порака до секторите кои емитуваат емисии на јаглерод како енергетиката, цементната индустрија и металургијата, дека мораат да ги забрзаат напорите кон транзиција на чисти технологии, меѓутоа и порака до граѓаните дека и големите загадувачи и физичките лица ги споделуваат истите обврски за постигнување на климатските цели.
„Сметаме дека за нас како држава е поповолно да воведеме данок на јаглерод пред ЕУ ЕТС обврската, бидејќи во првиот случај парите од надоместокот ќе одат во домашниот буџет и ќе можат да се користат за мерки за ублажување и прилагодување на климатските промени, а во вториот случај ќе завршат во буџетот на ЕУ“, вели Николовска.
Посочува дека Законот за климатска акција е во изработка од 2019 година, а на крајот на 2023 година сè уште не е влезен ниту во собраниска процедура.
„Свесни сме дека станува збор за закон со зголемени обврски за институциите, но само да потсетиме дека обврските за транспонирање на ЕУ регулативата од оваа област се зголемуваат секоја година, а ние сè уште работиме на првична законска рамка за клима“, предупредува Николовска.
Нацрт-законот за климатска акција предвидува собраните средства од јаглеродната такса да се влеваат во буџетот на Министерството за животна средина, за разлика од повеќето еколошки такси кои го полнат државниот буџет и се трошат за секакви намени, освен за заштита на животната средина.
Како што информираат од оваа институција, во план е овие пари да се користат за финансирање на декарбонизацијата и намалување на емисиите на стакленички гасови, подобрување на енергетската ефикасност, поддршка на транзицијата кон зелено и одржливо производство и трансформација на енергија, зајакнување на социјалната кохезија и поддршка на регионите со јаглен до транзиција, поддршка на ранливите и енергетски сиромашни потрошувачи, за изработка на инвентари на стакленички гасови, за изработка на извештаи за системот на политики, мерки и проекции и за инвестиции погодни за климата, како и за образование во областа на климатски промени, информации и јавна свест и родови аспекти, млади и ранливи групи.
„Распределбата на средствата собрани од надоместокот ќе се врши врз основа на Годишна програма за финансирање на активностите за климатска акција која ја предлага министерот за животна средина врз основа на активностите предвидени во планските документи“, велат од Министерството за животна средина.