Трамп-Путин: Нема воено решение за конфликтот во Сирија

Американскиот претседател, Доналд Трамп и неговиот руски колега, Владимир Путин во заедничко соопштение се согласиле да ги продолжат напорите во борбата против Исламска држава се додека терористичката организација не биде целосно поразена, соопшти Кремљ.

Двајцата лидери исто така ја потврдиле својата посветеност на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Сирија и ги повикаа сите страни во судирот да земат активно учество во политичкиот процес во Женева.

Според текстот од заедничкото соопштение, Москва и Вашингтон се согласиле дека нема да има воено решение за конфликтот во Сирија.

Соопштението од Кремљ е објавено на маргините на состанокот на членките на Азиско-пацифичката економска соработка во Виетнам.

Путин и Трамп се ракуваа вчера непосредно пред почетокот на самитот, а од Белата куќа соопштија дека нема да има официјална средба на двајцата лидери.