Тетовската полиција приведе девет странски државјанки на возраст од 21 до 37 години, при контрола што ноќеска била спроведена во угостителските објекти „Баци“ во тетовското село Синичане и „Енерџи клуб“ покрај локалниот пат за Сараќино.
Како што соопшти СВР Тетово, во угостителскиот објект „Баци“ се затекнати три државјанки на Албанија, две на Косово, две од Србија и една албанска државјанка со привремен престој во Тетово. Во „Енерџи клуб“ затекната е една девојка од Црна Гора.
Деветте странски државјанки, кои нелегално биле ангажирани како пејачки и танчерки, се приведени во полициската станица Тетово, а денеска ќе бидат предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, странци и реадмисија за натамошна постапка.