Тетово: Негрижата на институциите ќе ги поттикне активистите да се активираат за чист воздух

Фото: Архива на Порталб.мк

Новата 2023 година за Тетово започна со еден стар проблем – нивото на загадување на воздухот го надмина прагот на алармирање уште во првите денови. Евидентираниот просек на ПМ-10 честички од 1 до 7 јануари изнесува 133,45 μg/m3 што е над дозволената количина. Просечната среднодневна вредност на ПМ-10 честичките не треба да надмине 50 микрограми за метар кубен, и тоа не повеќе од 35 пати годишно. Од страна на локалната и централната власт не се преземени сериозни мерки за решавање на овој проблем, а еколошките организации од Тетово алармираат за проблемот, пишува Порталб.мк.

Тетово, и не само Тетово, со години е на врвот на светските листи на градовите со најзагаден воздух. Истата ситуација се повторува секоја зима. Деновиве во Тетово имаше и густа магла, што претставува дополнителен ризик за луѓето поради присуството на ПМ-10 честичките.

Во разговор за Порталб.мк, граѓаните велат дека последниве денови воздухот лошо влијаел на нив, имале проблеми со белите дробови, главоболки, кашлица, проблеми со носот и други.

Алармантни вредности на загадувањето

Од 1 до 7 јануари просечното ниво на ПМ-10 честичките беше 133,45 μg/m3. И тоа:

  • 1 јануари: 154.42 μg/m3,
  • 2 јануари – 144.47μg/m3,
  • 3 јануари – 160.94 μg/m3,
  • 4 јануари – 143.06 μg/m3,
  • 5 јануари – 109.77 μg/m3,
  • 6 јануари – 101.49 μg/m3
  • 7 јануари – 120.01 μg/m3.

Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 дена со загаден воздух.

Месечните извештаи на државниот систем за автоматско следење на квалитетот на воздухот за Тетово покажаа дека во 2022 година имало 108 дена со загаден воздух, односно е надмината дозволената гранична вредност на ПМ-10 честичките од 50 микрограми на метар кубен. Во 2021 година имало 132 дена со загаден воздух. Во 2020 година во Тетово имало 138 дена со загаден воздух. Жителите на Тетово најзагаден воздух дишеле во 2015 година, кога висока концентрација на штетните ПМ-10 честички имало во 350 од 365 дена.

Во инфографикот подготвен од Порталб.мк може да се види концентрацијата на честичките ПМ-10 во првата недела од 2023 година, за цела 2022 година, како и просечната годишна вредност за периодот 2004-2022.

 

Еколошките организации: Истата песна и оваа година

Од граѓанската организација „Мајка и дете“, повикувајќи се на изворите на аерозагадувањето, велат дека тоа станува уште поопасно за човечкиот организам во текот на зимската сезона кога при ниски температури има атмосферска инверзија која ги задржува сите опасни материи во воздухот. Според нив, Владата и општините само дискутираат за изворите/причините, за последиците и заклучуваат дека се потребни долгорочни мерки, а на крај пренесуваат само смешни препораки.

„После толку години континуирано загадување сите сме убедени дека институциите во РСМ потфрлија во борбата против загадениот воздух, особено сега со влошувањето на енергетската криза, која предизвика и економска криза. Не дека нема решение, туку нема волја и доволна институционална посветеност, личниот интерес го надминува колективниот“, велат од „Мајка и дете“.

Од таму велат дека проблемот е многу сериозен, но пристапот е многу аматерски, особено во општина Тетово, која има обврска секоја година да составува оперативен план за намалување на загадувањето на воздухот во општина Тетово, која е позната како една од општините со силно загаден воздух во земјава и пошироко.

„Овој оперативен план е претставен пред Советот на општината за да биде одобрен за потоа да стапи во сила и да се применува. Оперативниот план минува низ сите законски процедури, но за жал без суштинска тежина и без никакви конкретни резултати на терен. Скандалозен е податокот дека во Оперативниот план во 2022 година „Југохром“ повторно фигурираше како главен загадувач во Полог. Исто е и со Локалниот еколошки акционен план што секоја општина е должна да го составува на секои 5 години. За да имаме појасна слика за проблемот со загадениот воздух во Тетово, мора да истакнеме дека телефонските броеви за пријавување на загадувачите се нефункционални, иако се преземени повеќе иницијативи за нивно ставање во функција, бројот на општински инспектори е недоволен и соработката со невладините организации е 0. Нема машини за миење на улиците и сообраќајот е хаотичен“, додаваат од „Мајка и дете“.

Од друга страна, од еколошката организација „Еко герила“ велат дека со доаѓањето на зимата доаѓа до инверзија на воздухот, односно промена на воздушниот притисок во атмосферата. Затоа, во Полог е неминовно зголемувањето на нивото на загаденост.

„Во последниве денови во Тетово има повисоко ниво на загаденост. Факторите се многубројни, и за разлика од порано кога главен фактор беше индустријата и нивото на загаденост беше 5-6 пати поголемо, денес и понатаму проблем е начинот на греење, густиот сообраќај, неконтролираните градби и надградби итн. Иако просечното загадување со ПМ-10 за 2022 година беше 47, сепак во текот на зимата треба да се преземат мерки да не се надмине дозволената граница“, потенцираат од „Еко герила“.

Од „Мајка и дете“ не ја исклучуваат можноста да протестираат поради загадениот воздух како што беше случајот пред неколку години, и што резултираше со затворање на фабриката „Југохром“ која во минатото беше еден од главните загадувачи.

„Да, сите граѓани кои се трујат мора да реагираат. Постојаната негрижа од институциите не тера нас активистите и граѓанските здруженија повторно да се активираме за да го бараме нашето основно право, чист воздух и животна средина за нашите деца“, рекоа од „Мајка и дете“.

ИЈЗ алармираше за здравствените последици од аерозагадувањето

Поради загадениот воздух во земјава, Институтот за јавно здравје објави неколку препораки за населението во Северна Македонија. Оваа институција препорачува:

  • Останете дома ако не треба да излегувате.
  • Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото.
  • Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност.
  • Бремените жени треба да останат дома.
  • Луѓето со астма може да откријат дека треба да го користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност.
  • Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница.
  • Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација).
  • Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено.
  • Не ги отворајте прозорците во вашиот дом.
  • Користете прочистувач на воздух без јонизатор (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања – респираторни или циркулаторни заболувања и мали деца и бремени жени).

Надлежните институции не направија доволно

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во изјава за Порталб.мк соопштија дека остануваат посветени во насоката и општите политики за справување со аерозагадувањето како што се: делување на изворот на загадувањето, унапредување на законската регулатива која ја олеснува интервенцијата, мерките во случај на надминување на граничните вредности на загадувачките материи и зајакнувањето на инспекциските контроли. Одговорноста за квалитетот на воздухот ја префрлаат и на општините.

„Општината и општинските инспекциски служби имаат конкретни овластувања во однос на квалитетот на воздухот, согласно Законот за квалитет на амбиенталниот воздух и Планот за подобрување на квалитетот на воздухот на општина Тетово, кој е изготвен со поддршка на Министерството за животна средина“, велат од ова министерство и апелираат да се почитуваат мерките утврдени од Владата и законските прописи.

Општина Тетово не одговори на новинарските прашања во врска со овој проблем.

Програмата за активностите од сферата на заштитата на животната средина и природата во општина Тетово за 2023 година беше усвоена дури на последната седница на Советот на општината.

Потсетуваме дека граѓанскиот сектор aлармираше, апелираше и предложи конкретни мерки пред почетокот на зимската сезона кои треба да се преземаат од институциите, е не само да делат препораки, но состојбата на терен е целосно спротивна.

И во Последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на реформите во Северна Македонија е наведено дека овој проблем е доста сериозен и опасен за нашата земја. Во извештајот јавно се нагласува дека во текот на оваа година земјата мора да ги забрза напорите за намалување на загадувањето на воздухот на локално и национално ниво. И покрај постигнатиот напредок, квалитетот на воздухот останува главен проблем во големите градови.