Тетово: Граѓаните со години бараат асфалтирање на нивната улица

Извор: Порталб.мк

Последен пат улицата „116“ во Тетово е асфалтирана пред независноста на Македонија (1991), и таа во моментов е во ужасна состојба. Над 200 жители од оваа населба потпишаа барање, кое потоа беше испратено до Општина Тетово, но сѐ уште немаат добиено никаков одговор иако писмото е доставено пред скоро еден месец. Од Општина Тетово не даваат конкретен датум за започнување со работите на оваа улица, пишува „Порталб.мк“.

Улицата „116“, која што се наоѓа во близина на градските гробишта, е полна со дупки, оштетен асфалт со што се спречува минувањето на возилата на жителите од оваа населба. Фактот дека овој пат е запоставен, го потврдуваат и отпадоците што се наоѓаат на секој агол на оваа населба.

Последниот пат асфалт на оваа улица е поставен пред независноста на Македонија, а последното крпење е направено во 1998 година, кога е поставен системот за канализација за кој жителите на населбата платиле од нивните џебови.

Жителите од оваа населба постојано барале од надлежните институции да ја регулираат улицата, но нивните барања се игнорирани. Овој пат тие имаат формулирано барање која ја потпишале повеќе од 200 жители на населбата, барајќи од Општина Тетово итно да интервенира и да ја асфалтира улицата.

Иако се поминати повеќе од три недели откако жителите го имаат доставено барањето до Општина Тетово, тие сé уште немаат добиено одговор. Тие се песимисти со оглед на фактот дека ова не е првпат да бараат вакво нешто.

– Ова не е прво барање кое го имаме поднесено, во неколку наврати баравме од Општина Тетово да започне со асфалтирање и реставрација на инфраструктурата, но тие никогаш не одговориле. Овој пат до Општината доставивме барање потпишано од над 200 жители од населбата. Поминаа повеќе од три недели откако го имаме поднесено, но сè уште немаме одговор – истакна еден жител од оваа населба за Порталб.мк.

Од Општина Тетово за Порталб.мк не коментираа зошто не одговориле позитивно или негативно на жителите од оваа населба, и рекоа дека пратиле двајца инженери за да го измерат патот, но не даваат конкретен временски рок за тоа кога ќе започне асфалтирањето на оваа улица.

– Улица „116“ е тампонирана од самите жители, општината прати двајца инженери да го измерат патот, се разгледува можноста помеѓу користењето бекатон плочи и асфалтирање – кратко изјавија од Општина Тетово.