Цакалатос: На чекор до договор сме со кредиторите


Атина, 13 април, 2016 - 11:16 (META) 

Властите во Грција денеска соопштија дека се блиску до постигнување договор со меѓународните кредитори, и покрај прекинувањето на рундата преговори за најновите грчки реформи.

– Блиску сме во постигнувањето договор со институциите. Дефинитивната одлука ќе биде донесена до 22 април или најдоцна до 26 април на можниот вонреден состанок на министрите на финансии на еврозоната – изјави грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалатос, а пренесува агенцијата „Франс прес“.

Два нацрт-закони ќе бидат доставени до парламентот наредната недела. Првиот закон е за контроверзните реформи на пензискиот систем, а другиот за реформи во данокот на доход.

Цакалатос информирал дека преговорите со кредиторите, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и со Европскиот стабилизациски механизам биле прекинати поради заседавање на ММФ во Вашингтон.