Судот преплавен со барања за неосудуваност од кандидатите за пратеници

Поради предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември и зголемениот број на барања, Основниот суд Скопје 1, наместо како досега за три дена, ќе издава уверенија од казнената и од кривичната евиденција во рок од пет до седум дена, соопштија денеска од судот.

Имено, кандидатите што ќе се најдат на пратеничките листи треба да извадат уверенија за неосудуваност. Крајниот рок за поднесување на листите е петок на полноќ. Досега листите за пратеници ги објавија само СДСМ и ДПА.

Од судот апелираат до сите граѓани на кои им се потребни уверенија навреме да ги поднесат барањата и напоменуваат дека конкретните уверенија, во согласност со законските одредби, се поднесуваат и се издаваат од страна на надлежен суд, според место на раѓање, а не според место на живеење.

„За сите информации околу начинот на поднесување барање, плаќање на законски утврдената такса и потребните обрасци, за уверенија од казнена и од кривична евиденција за кои е надлежен Основниот суд Скопје 1, можете да се инфромирате преку интернет-страницата на судот“, информираат оттаму.