Субвенциите за еколошки мотори на автобусите и годинава останаа неискористени од приватниците

Архива на Мета.мк

Приватните автобуски превозници од скопскиот јавен превоз и годинава не пројавија интерес за искористување на субвенциите на Град Скопје за адаптирање на моторите на автобусите на еколошки горива. Минатата година останаа неискористени средства во висина од 20 милиони денари, а идентичниот износ ќе остане неискористен и во 2019 година поради непостоење на интерес од приватните превозници.

– Градот Скопје на неколку средби се обиде да ги информира и анимира претставниците на приватните превозници за поволностите кои се нудат, но истите не предизвикаа интерес кај нив – велат за „Мета.мк“ од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

Сообраќајот, заедно со домаќинствата и индустриските објекти, се посочени како три најголеми извори на загадување на воздухот во Скопје. Автобусите од јавниот превоз секојдневно сообраќаат по скопските улици, а токму возниот парк на приватните превозници во најголем дел е набавен „на старо“ од странство.

Поентата на овој проект на градските власти е токму на овие превозници да им се овозможи да инсталираат уреди на гас или да се направат други модификации кај постојниот возен парк, со цел да се влијае на намалување на аерозагадувањето во Скопје.

Од Град Скопје информираат дека буџетот за 2020 година е во завршна фаза на креирање, при што сѐ уште не е дефинирана висината на средства кои догодина ќе бидат наменети за адаптирање на постојниот возен парк на приватните превозници со мотори на еколошки горива.