Странски експерти ги испитуваат причините за поплавите во тетовско

Странски експерти во координација со Дирекцијата за заштита и спасување со хеликоптер започнаа да го прелетуваат теренот над поплавените подрачја во тетовско. Целта е да се утврди што точно се случи на 3 август, кои се причините за излевањето на реките и ерозијата на земјата која затрупа повеќе населени места.

Од Дирекцијата за заштита и спасување, велат дека преку механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, седум странски експерти ќе го испитуваат теренот во наредните 12 дена. По направениот увид, ќе се дадат препораки што треба да се преземе, за во иднина да не се повторат поплавите и свлечиштата на земјата.

– Целта на сите активности е преку механизмите за цивилна заштита да се добијат сателитски снимки за конкретната состојба во Тетово, како и увид на целата состојба на терен, по што ќе бидат дадени одредени насоки и препораки на Владата и на локалната самопуправа како да го уреди тој простор за во иднина да не се случуваат такви проблеми – изјави Ивица Наумовски од Дирекцијата за заштита и спасување.

Од Дирекцијата за заштита и спасување, велат дека целиот Шарпланински масив е ерозивно подрачје и очекувале дека големите поројни дождови можат да го поплават Тетово, но не во толкава голема мера. Од таму не сакаат да коментираат, дали дивата сеча на шума и нерегулираните корита на реките, придонеле за катастрофалните поплави.

Ваквите одговори според Дирекцијата, ќе ги даде анализата на странските експерти, кои денеска ќе го испитуваат и фотодокументираат теренот од воздух. Следните денови, теренски со џипови ќе се направи обиколка околи зафатени подрачја, по што ќе се донесат заклучоците и насоки што треба да се преземе во иднина, додаде Наумовски.

Во невремето што зафати тетовско, загинаа 6 лица над 70 беа повредени. Беа оштетени 400 куќи, а поплавена беше и голема замјоделска површина.