Стотина летови откажани поради магла на „Хитроу“

„Бритиш ервејс“ откажа повеќе од сто лета поради густата магла што го зафати југоистокот на Англија.

Бројни летови од лондонскиот аеродром „Хитроу“ се откажани, а патниците се повикуваат да ги проверуваат информациите на интернет-страницата на аеродромот за да не дојде до конфузија и до непотребно создавање метеж.

Покрај „Бритиш ервејс“, и други компании биле принудени да ги откажат летовите од и кон „Хитроу“, бидејќи видливоста е речиси минимална. Ова е еден од најпрометните аеродроми во Европа. Меѓу компаниите што ги откажале своите летови се КЛМ, полската компанија „Лот“ и „Брасел ерлејнс“.

Освен летовите меѓу Велика Британија и Европа, откажани се и неколку прекуокеански летови, вклучувајќи ги тие од Чикаго.