Средба на вицепремиерот Бесими со заменик-министерката за надворешни работи на Холандија

Холандија е еден од најголемите поддржувачи на Македонија за членство во евроатлантските структури, но клучно е земјава да продолжи да испорачува мерливи резултати во спроведување на реформите во соодветните области, било истакнато на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, со заменик-министерката за надворешни работи на Кралството Холандија, Рене Џоунс Бос.

Во овој контекст на средбата бил даден и осврт на актуелната политичка ситуација и активностите за реализација на итните реформски приоритети.

„За време на средбата вицепремиерот Бесими ја истакна и неопходноста од европско интегрирање на земјите од Западен Балкан, како единствена гаранција за стабилност и за просперитет во регионот. Во таа насока ги изрази потребата и очекувањето дека процесот на проширување на Европската унија, покрај другите актуелни приоритети, ќе се најде во агендата на претстојното холандско претседателство“, се наведува во соопштението од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими.

На сребата било разговарано и за мигрантската криза и за тоа како земјава се справува со зголемениот број мигранти.

„За време на разговорот беше истакнато дека Македонија прави сè што е во нејзините можности и надлежности за соодветно справување со состојбата, но уште еднаш беше истакнато од страна на вицепремиерот Бесими дека е неопходна и понатамошна помош од Европската унија и од билатералните партнери“, се додава во соопштението.