Состојбата со употребата на наркотици од учениците во Тетово е алармантна, се разгледува можноста за поставување детектори за чад

Покрај употребата на наркотици и тутун, проблематични се и случаите на насилство меѓу учениците

Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово / Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Употребата и продажбата на наркотици од страна на учениците, недостатокот на обезбедување на влезовите во училиштата, недостатокот на стручен кадар, коцкањето – се само дел од проблемите поврзани со девијантното однесување во тетовските училишта, пишува Порталб.мк. Претседателката на општинскиот совет за спречување на малолетничката деликвенција, Блерта Ахмеди, вели дека училиштата се соочуваат со голем број на предизвици и проблеми.

„Во сите училишта има недостаток на персонал за физичко обезбедување кој би бил надлежен за надгледување на влезовите и излезите од училиштата. Друг проблем е немањето на стручен кадар, имаме училишта кои имаат мал број на кадар. Наша препорака е да се зголеми бројот на вработени психолози, социолози и социјални работници. Да се зголеми соработката со СВР, да се зголемат превентивните мерки. Проблем се и коцкарниците кои се во близина на училишните објекти“, вели Ахмеди.

Таа додава дека наставниот кадар во својата анонимна анкета се изјаснил за проблемот со учениците кои користат и продаваат наркотици.

Во меѓувреме, и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами е информиран за употребата на тутун во училиштата. Тој вели дека се разгледува можноста за поставување на детектори за чад во тоалетите.

„Насекаде кружат информации дека има злоупотреба на деца во училишните тоалети каде можеби пушат или прават други несоодветни однесувања. Тука ја разгледуваме можноста и со секторот за образование при општината за да поставиме детектори за чад во училишните тоалети, бидејќи немаме никакви пријави од професорите, од раководството на училиштето, иако насекаде низ градот се зборува дека училишните тоалети се злоупотребуваат за вакви дејствија“, рече Касами.

Кога станува збор за прикривањето на случаите на девијантно однесување во училиштата од страна на директорите, Касами рече дека можеби тоа е тенденција на директорите на училиштата, но дека не е тенденција на општината.

„Целта не е овие случаи да се скријат под тепих, напротив, треба да се соочиме со овие ситуации и да преземеме соодветни мерки“, рече Касами.

Покрај овие однесувања, проблематични се и случаите на насилство меѓу учениците.

Еден од највознемирувачките случаи на насилство меѓу учениците се случи во април во основното училиште „Истикбал“ во Тетово, каде врсниците физички го нападнале својот класен другар, фрлајќи го од висина и кој по падот се здобил со тешки повреди.

Според полицијата во Тетово, иако бројот на вакви случаи се намалува, тие и понатаму се присутни.

Полицијата во Тетово во 2023 година евидентирала 16 случаи на насилство во училиштата.

Во меѓувреме, во првите пет месеци од 2024 година се регистрирани седум случаи.

Тетовскиот суд од 2020 до 2023 година има регистрирано 197 предмети за насилство меѓу учениците, а донел 186 пресуди.

Во насока на спречувањето на девијантното однесување, на 17 мај 2023 година во Тетово е формиран Општинскиот совет за спречување на детска деликвенција, што е законска обврска согласно Законот за правда за децата. Ваков совет мора да биде формиран во сите општини во државата, но тоа не е случај секаде.

Експертите од областа постојано апелираат дека е потребна поголема соработка меѓу родителите, училиштата и институциите.